послани св.
послание ср.

послани (св.)

По земјата имаше послана куп свежа слама, на испреплетените гранки горе на покривот стоеше закачена лејка за вода, останата бездруго уште од полјакот и ништо повеќе.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Одаите стојат постојано послани со тешки скапоцени килими, а гостите се честат со маџун само од трендафили и смокви. Чорбаџиска куќа.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
„Хипиците“ делуваат морничаво во ноќните часови на послани стари весници или пак на некакви чаршави продаваат накити, но ако ги сретнете во групи, тие пеат и свират на гитари.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Падинката пак сета послана со расцутен чај.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
За полчас, пред наседнатите Ескими крснозе, во најразноводни садови – лејки, на бело послано платно беа наредени секакви сокови – за жените и децата, а за повозрасните – појаки пијалаци.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Штом ќе им дадела знак на селаните од околните села дека Господ внимава на нив и на нивниот премор, штом ќе го замолела Господа да ги благослови житјето, овошките, рибите во езерото и водите езерски послани до манастирските бедеми, таа се повлекувала во својата келија, ги земала бројаниците, коленичела и молитвела, молејќи ја Пресвета Богородица да ја престори ангел, кој вечно ќе ѝ служи и ќе ѝ се поклонува: Пресвета дево, Владичице наша, Богородице, мајчице наша, мојата молба услишија, во ангел престори ме, со светлина дари ме, со чесен и небесен подари ме, Пресвета дево, мајчице наша. Алилуја. Амин.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Одовде се гледа целото населено поткале, многубројните маала, убавите куќи и сокаци послани со бела калдрма, а реката, таа е во провалијата, страшна и бујна, таа ги лиже ѕидиштата на тврдината, западно од неа, ги лиже како куче раните, се витка пред господарот, цивка, и веднаш заминува по задача.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тогаш тие поминуваа по козји патеки, кои сега се претворени во автомобилски патишта послани со асфалт.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Нѐ седна на широки миндери послани со дебели волнени црвени веленца.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Потоа легнавме на креветите, направени од штици на кои беа послани стари ќебиња. Чувствував како ме касаат болви.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Тоа августовско утро во Прага Сите ги прекоруваа своите мали кученца кои баш сега најдоа по пет пати да мочаат во тревниците послани со свежи ѕвезди а за баксуз, никаде немаше натпис: мочањето врз тревници од ѕвезди е забрането.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)