пиралка (ж.)
понатаму од трските и шеварот гледаше Висар, како жените, по умирањето на некој, ја вадеа сета постела на која спиел умрениот и сета покуќнина со која се служел, да ја мијат на езерото да ја тријат: веленце, мутав, постеќија, сазма, клашник, сакма, џубе, ресичка - удираа со пиралките на нив, фрлаа пепел и катранен сапун, луга и жива сода за да го извадат и очистат од нив и допирот и здивот од умрениот;
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Чукам со пиралката и ги плавам алиштата мои и од Јона, се наведнувам, а мачно ми е.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ме гледал така и чул нешто му тропнало. Господе боже, може да му тропнала пиралката, може да џвркнала водата кога ги цедев алиштата, кога ги усукував. И водата кога џврчка, така прави.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
А јас, ете, на мене раце - пиралки, на син ми плешки - биволите да не се измерат со него, и пак ништо.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Земјата пропаѓала под неговите пиралки во опинци од кожа на диво свинче.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тргни се додека не сум го извлекла секирчето од нарамников. Или сакаш да ги повикам сосеткиве со сукала и со пиралки?
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тупотам со пиралката по алиштата, мавам со сета сила, а од мене, чувствувам, истечува некоја лутина, некоја болка, срцето се бистри.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Божем можело таквата тежина да се поднесе само со стегнување на усните, или пак да се совлада на тој начин што ќе се однесат на реката еден рид черги, па сиот бес ќе се истури преку пиралката.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
„Каде тргна, Спасио?“ „На река“. „Што така“? „Да поработам со пиралката. Да ги истурам ако може горчините“.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Затоа ѝ го спомнав она за пиралката и за далечната пра-пра-прабаба.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)