оревов прид.
оревовина ж.

оревов (прид.)

Врз темниот оревов долап, над секакви дебели книги, препариран орел ширеше силни крилја; со отворениот клун ми го нишанеше срцето.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Жими десното око ако сакам од вас да печалам, — им се колне Петруш, а на свадбарите не им текнува да го погледнат десното око на Петруша и да видат дека тоа е шлупка ореова — истечено уште пред петнаесет години.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Кога јатото се изгуби зад редот на оревовите џиновски стебла, некаде кон сувиот поток, лисицата ги допре на земја цицките и сети болка од надојденото млеко; го подуши млакиот воздух и појде кон длабочината на шумата барајќи непроодни места за да го прикрие патот до своето легло.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Од таванот украсен и ишарен во средината и на четирите ќошиња со длабока, на орево дрво, изработена резба, висеа големи гроздови миск, лисиче, каланпарај и друго грозје зачувани уште од есента, повеќе за личнотија, бидејќи за јадење се пазеше во мусандрите одбрано грозје.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во уводот, на една прошетка по старо Скопје, до Старото кале на кое се наоѓа црквата „Свети Спас“, писателот ја открива својата намера: „Тука, среде црквата, во ореов сандак, нарежан на шари, лежи еден војвода“.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Помеѓу неговите краци, помеѓу Горник и Зедница, среде столетни дабови и ореови дрвја, со прочуени бунари за питка вода, се тетоши Загориче, или уште како што ја викаат малечката и населена заветрина - Дупка.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Од под соголен крак на оревовиот корен се слуша едноличен копнеж на невидлив штурец.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
За да ѝ избегам на бучливоста и на задоцнетата горештина во тој град на Егеј, и јас и сѐ што живееше или беше дојдено во него под вршник на септемвриски ден, влегов во старинарница во која, слични на живи кукли стари Американки во невозможни шарени ткаенини(„пура лана“ што би рекле ситните венецијански трговци но од чиста синтетика) на кои им изгледав занимлив за разговори или достатно сериозен за совет во купувањето на триптохон од оревово дрво со Богородица насреде, попусто, навистина попусто ја вртеа кон мене иконата,
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Имаа диви лица со брчки, можеше да се поверува дека се делкани од оревово дрво пред стотина години.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Нека ги земе ѓаволот шутрачишта, ќе рече Али-бег, а воденичарот Ариф Исмаил ќе ѝ удри клуч на неговата воденица, дочекал свој миг дотогаш незабележаниот Богоја Гулабарин; до него седеле на долга и грубо изделкана маса од едно оревово стебло Проказниковите приврзаници Пане Долгманов и Цветко Грнар и, озарени од внатрешна возбуда, со будалесто нишање на главата потврдувале дека е така.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На накривеното куќиште била заглавена над вратата икона од оревово дрво: безимен светец со чудесно лице на млад левент во пламена облека и со пламено копје во пребелите раце јава градест и гривест коњ и убива ламја со густ тутунски чад во ноздрите, боде многузаба исклештеност со грбник на костреш, а во далечина, под замагленото лилаво и алово небо, пукаат планини на чии преслапи зарѓуваат капки сонце - тече црна крв меѓу премазни камења, опашот на чудовиштето со последен бес се обвива околу младите нозе на белецот, земјата испукала од морничавост, во пукнатините повеќе се насетуваат отколку што се гледаат змии и гуштери.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Минувајќи ги фасадните соби на куќата во брз алир, Остап никаде не ја забележа столицата од ореово дрво со виткани ногарки, поставена со светла англиска свила со цветчиња.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Јајчестото огледалце налик на детско главче, забрадено со изрезбарена косичка од ореово дрво, одговори: ГОСПОДАРУ САКАН, ТАМУ ЗАД ПРАЗНАВА ТОЧКА, Е ОНА ШТО ВЕКУМ ГО САКАШ И ТЕ САКА.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Пламна реа на темјан, босилек и ореово лисје.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Изненадена од сопствените зборови, јас пак сфаќав колку е корисно на глас да размислуваш пред некого што гледаш дека му значи да те разбере и заради него ја кршиш лушпата на некоја своја замисла што скришно зреела, како ореово јадро во својот мрак!
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Евто ќе земе да ни ја направи столаријата, од ореово дрво, намачкано, светнато, долу черги, ќе ги ткае Рајна.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Не е лушпе ореово па дур трепне да го смачкаш во шаката.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Кога крилјата се подготвени за летање бргу се долетува до гнездото на сопствената болка од сопствената шака си ја лижеш изгубената радост и ја ишкаш смртта од струните на виолината ноќни сенки излетуваат од акордите на вердиевиот реквием и им ги бришат челата на публиката лачени ноти скокаат низ историјата и се потат во чевлите на диригентот звуците на животот како лилјаци се удираат од ѕидовите на вечноста од суво усте лушпе ореово се разлева кон реката вердиевата чаша вино отаде реката последна причесна и школки на суво - на клапнатите музичари им намигнуваат.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Ореовата крошна го прекриваше речиси целиот двор.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Седна на мувлосаното столче и на кружната ореова маса и ги распосла домашните колбаси и сушената сланина.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)