одведе (св.)
Утро да ја земеш и речи ѝ како да ја водиш на теферич, и отведи ја у планината да ја убиеш.
„Избор“
од Јоаким Крчовски
(1814)
Се собра свет, џандари. Леле! На Славчета не му се оди в кварт, со земјата се залепи! Такси зедоа, насила да го одведат... (Смеење).
„Печалбари“
од Антон Панов
(1936)
Ќе помине. Нека го одведе Рајна кај Матковица. Таа се разбира во тие работи.
„Печалбари“
од Антон Панов
(1936)
Кузман не зажали многу за Пенча кога чу дека татко му го одвел со себе.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Тоа го направи и Јовановиот четник Брајан од Жиово, та стана капиданис Брајанис и ги одведе андартите во своето село Жиово да го изгорат, а сам со својата рака му ја пресече главата со секира на својот роден стрико „Бугаринот" Петка.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ја одведоа, потоа собата му стана една огромна челуст полна со неподносливо пиштење на тишината.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Им одржа кратка придака на своите сејмени и им даде упатства каде да ги одведат.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Хлапец, проклет би и посеј малечка татковина на дланките со неа да си ноќеваш со неа да се будиш и на распјат со неа ќе те одведат со еден брут ќе ве заковат, хлапец, вековите крај вас на поклон ќе доаѓаат и волчиците своите малечка ќе ги доведуваат на љубов да ги учат.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Познато е само тоа дека во пролетта на 1516 година дошол во Вишеград јаничарскиот ага од Цариград со педесетина јаничари и ги распратил по блиските села да го соберат познатиот данок во крв, т.е. да одберат здрави христијански деца, да ги земат и да ги одведат во Стамбол за јаничари.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Ах, хлапец, под ноктите си скрил земјичка татковината на дланки да ти израсне: поздрави се со својата несреќа, хлапец, на распјат заедно со неа ќе те одведат со еден брут ќе ја заковат,хлапец твојата небида на дланките.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Поминаа и десет години од одведувањето на Анѓелета.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Трагата ме одведе во едни смреки.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Дајреџијата му се внесе во лицето, целиот насмевнат и блажен, како да сакаше да му каже: „Ништо ти, комшија, не бери гајле, јас сум тука, јас ќе те одведам дома...“
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Му помогнаа, незабележливо го симнаа од подиумот. И со пајтон го одведоа дома.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Од петокот изутрината, кога првпат ја виде на колјата Панде толку многу се разволнува што не можеше веќе да издржи: сакаше веднаш да излезе момата, да видат родителите, да видат сите, каква невеста ќе одведе во Ресен...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
МЕТОДИ: Долу, кај аголон ме пресретна шоферот на Иванов. Го испратил да те земе тебе и да те одведе кај него. И тебе и Ивана.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Откако ќе ја одведе до кујната, тој ја заклучува вратата од кујната и го става клучот в џеб.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Сарски, одведи го Орцета в кујна и нареди за вечерата. (Иван и Младичот излегуваат.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Кога го виде, пргаво стана и го одведе во аголот кај оџакот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
- Ана, ти си изморена и... возбудена. Ќе те одведам во твојата соба.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)