одблесне (св.)
Повисоко изопнатото небо над заливот се разлеваше на гланцот од раздвижените скорни и скокотливо одблеснуваше во очите на Арсо.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Месечината одблеснуваше со онаа своја болна светлина над маслините и чиниш рееше тагување над оптегнатиот лав во тревите.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Околината одблесна под месечевата светлина во која облиците се појавија голи, изменети, но уште по не одредени.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Ги гледаше како одат по сокаците изнабесени на нив со: кошници, сита, вретена, фртоми, синџири, потковки, ендезиња, брдила, кросна, кации, пирустии, сорови, ченгели, резиња, дрмуни, оглави, гребла, ѕвонци и други дрангулии и викаа умот да ти го извадат; навечер палеа огнови крај езерото кои одблеснуваа во водата како да ја потпалуваат; седеа околу нив со раширени нозе да се топлат;
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
11 Мотив: рана пролет: Брегот на Профим зазеленет; неколку јаболкници и праски избрзале, порано расцутеле, се преливаат во алови и бели бои; по падините на брегот излетале и првите жолти цветчиња расфрлени како распукани жолчки; белее куќата на Профим, која е скоро варосана, а покривот црвенее како тукушто пресечено месо; по брегот пасат неколку овци, кои, чиниш, не се движат, небаре стојат во излог за детски играчки; еден коњ слегува по патеката со крената опашка како да лебди во воздухот; две шареникави добичиња, крава и вол, со издолжени вратови брстаат по зеленилото спуштено ниско и се допираат, се чешкаат со колковите; по коњот оди човек (веројатно Профим) со лимена кофа в рака; на кофата е паднато сонцето и облеснува; нишајќи ја кофата, човекот како да сака да го брецне сонцето; друг некој (веројатно Скрче) се шета низ бавчата, оди од стебло на стебло и ја потпира главата на нив, како да ги гризе.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Пламенот се креваше од куќите, одблеснуваше по лицето од луѓето. Одблеснуваше и на восочното лице од сликарот.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Детето цица, ги подотвора очињата, потклоцнува со ножињата и една мала шурка млеко му се одблиснува на обравчето.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
При нишнувањето на главата ѝ се нишнуваа и долгите златни обетки одблеснувајќи на светлоста. Ѝ блеснуваше и ѓерданот при помрднување.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Под кожата, човекот се наѕира нежен како утринска роса што одблеснува во среќна ѕвезда - рече старецот.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Кандилцето пред Богородица светеше сѐ до изгревот и кога големата светлина на сонцето влезе во одајата, пламенчето се изгуби во неа, ама одблеснуваше малечко - малендаво и на Фимка ѝ се пристори дека тоа е раздвижена солза на Божјата мајка.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)