обврска ж.

обврска (ж.)

Не е ли јасно и од тие постапки на македонските водачи оти Македонците зедоа самите да ги решаваат судбините на Македонија и оти тие во својата дејност се готови да се судираат и да ги усогласуваат интересите на својата татковина не само со Бугарија, но и со другите балкански државички, откако ќе им се дадат на тие државички некои обврски од страна на Македонија за укажаната помош?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Зар немам обврски и кон нив?
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Се плашеше од такви врски. Сакаше да биде сам. Без обврски и ограничувања. Сам, сам...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Немојте, Ви се молам, та јас пред Вашиот ценет сопруг зедов обврска да се грижам за сѐ за вас, нели?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Но тие чесно ја исполнија својата обврска. И загинаа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
„Зар е можно да паднат и да пуштат корен опасните бацили токму тука?“ и полека и сигурно во мачниот тек на иследувањето се создава во него нешто како обврска, одговорност за нешто и некоја не сосем определена виновност, што се создава од самата службена потреба да се наѕира во душите, во мислите...
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Од црвената длабочина изронуваат неговите другари огорчени, згрозени, непомирливи: „Ја исполнивме обврската! А ти?“
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
За мене со Ели обврските беа сосема мали: ако сакам да ја прошетам, кога немам за учење, ако сакам да ѝ раскажам приказна, или да ѝ прочитам од книшките.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Но таа секојдневно упорно настојуваше да ме ослободи од сите тие обврски, за кои, веројатно, сметаше дека е прерано да ги носам на себе и успеа во тоа.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Марина многу ретко навраќаше од училиште кај нив, повеќе чувствувајќи некаква обврска.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Тоа го сторија од грев за нив и од жал и обврска спрема својот човек.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Нивната службена обврска е врзана за мене и не ме пуштаат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Ќе умреме? — Не знам, вели, но и умирањето е дел од нашата партиска обврска.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се сетија и почнаа да ми даваат обврски, работа.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во илјада осумстотини триесет и петтата, во доба кога јавачите на апокалипсата биле вечни и достојни на обврските и кога толпа тврдоглави Кукулинци терале спрегнати двоколки преку планини и беспатици да донесат од крај свет камења за ред воденици, Јаков Иконописецот го запалил богољубивиот Круме Арсов но најдивите од дружината го зграпчиле пироманот и го обесиле.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ги извади разните документи од турско време што ги имаше донесено со себе и оние што му ги даде игуменот и кметот, во кои се гледа дека манастирот и селата околу него: Езерец и Пискупие, плаќале данок и царина во Охрид, односно Охридска каза, а не во Корчанската каза со која манастирот се граничел во Турско време; дека пасошите на населението од овој крај се ваделе во Охрид; дека ревизија на алкохолните пијалоци во манастирот ги вршела даночната комисија од Охрид; дека плаќањето за ослободување од војна обврска се вршело во Охрид; дека пописите на приходите и расходите на манастирот, ги вршеле црковните власти од Охрид; дека во потврдите за исплатени пари на мајстори од селото Езерец што го обновиле манастирот, стои:
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Кралската влада му испрати изјава на Друштвото на народите во која наведуваше дека Комисијата за разграничување имала само обврска да ја потврди граничната линија на тој сектор утврдена со Лондонскиот протокол, но без право на било каква измена и модификација.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ние сме добро. Снегот постепено се повлекува, но со тоа не се намалуваат моите обврски во градината.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Постарите браќа, како што израснуваа, подземаа од семејните обврски, откако ќе изучеа некое средно училиште, најчесто медицинско или техничко, веднаш се вработуваа, отворајќи перспектива најстариот да студира. Повеќето се определуваа за медицина.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Мистеријата се наоѓа во нашето доживување на стварноста кое, за жал, полека отрпнува во светот на секојдневните обврски и вообичаените улоги.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Повеќе