непрочитан прид.

непрочитан (прид.)

Така разбирајќи го долгот кон татковината, јас се решив, прво, да го изложам моето разбирање на народните идеали на Македонците во еден ред расудувања, прочитани во петроградското Македонско словенско научно-литературно другарство „Св. Климент” 1, а после и да ги напечатам во оваа книга, каде што се поместени и расудувања непрочитани во споменатото другарство.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Гледам во книгата и вртам непрочитана страница.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Сѐ помалку и помалку луѓе ќе бидат способни да комуницираат со ремек-делата на литературата и идеите. Џојс, Вулф, Џејмс и останатите ќе останат непрочитани.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Сега кога помислувам на тие саботни кога возбудена одев кај чичко Раде со книги што сум ги прочитала во минатата недела, а се враќав со куп „нови“, непрочитани, ми се чини дека времето е низа реченици, кинливи како пајажина, кои можеш да ги поврзеш само со раскажување; ако не, метлата на заборавот ги чисти од нашата глава.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Мајка, сега прв пат во животот, имаше време да ги чита, да ги дочитува и непрочитаните книги на Татко, небаре оставени во аманет, со надеж дека се доот­кри­ваат новите пораки за натамошното спасување на семејството на Балканот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Замина како непрочитано писмо грижливо сместено во пликото.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Ти си и утро и ливада, непрочитана книга со заветен наслов кој мириса на среќни луѓе свежи лилјави цветови и топла живеачка;
„Омајнина“ од Афродита Николова (2010)
За вдишувањето на годините по раѓањето За заминувањето пред облакот пчели За ноќта обесена на прозорецот За модрите движења во огледалото (остаток од бујатото растење) За животот во мртвата природа - Книга на животот За отвореното писмо со зарипнат глас За меурот во зелениот аквариум За пропуштените луѓе во бескрајот За полиците на кои се задава коњица (фрагмент од непрочитаниот роман) За животот на жртвата во темелот - Книга на животот За студените светови во мртвороденото Јас За узурпација на просторот за летање За сенката што оспорува и простува За мониторот што емитува срце (интермецо на илузијата во траење) За животот претпоставен од живите - Книга за животот
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Голем дел од нив останаа непрочитани, се најдоа во егзил во мојата библиотека.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Ни Татко, а уште помалку Камилски, не можеа да го заборават настанот во Татковата библиотека и во нашата куќа во врска со една непрочитана книга на Камилски. Тоа стана грев кон непрочитаната книга којшто и ние децата никогаш не го заборавивме...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)