наутро (прил.)
Стани си утре порано дојди си вечер подоцна, наутро радост понеси навечер тага донеси - ај, пусти да е, пуст да би останал живот кучешки!
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
За прв пат откако дојде во бригадата, Мече усети колку е убаво тука наутро кога првите зраци на сонцето ќе паднат над разбудениот младински логор, што се капеше во утринската светлина и веселост.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
А јас, лете, наутро, важно соопштував: - Денес на иже јеси се фатиле дваесет и три муви.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Бидејќи Ристе Бојанин не одеше в црква ни наутро, ни со подарок, Бојана беше ослободена од таа должност и спа до сонце огревање.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
За неполни два три месеци ги научи напамет молитвите и, на големо чудо од отец Арсенија, почна и сам да ги мрмори во параклисот кога се крстеше и длабоко правеше по четириесет метании наутро и навечер без да се почине.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тие сиромаси мислеа дека Крсте спие со нив за порано да почнат — подоцна да завршат; а тој секогаш викаше порано да ја напуштат работата, да вечераат дури се види, а подоцна да почнат наутро откако ќе се напоручаат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Наутро ни Наполинка, ни колиба. Лежат на камен искасапени и полека умираат. Напладне, еве ти еден овчар.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Наутро селаните ќе пцујат под својата обезличена сермија, луто ќе шмркаат и ќе ги пребројуваат куршумите за хајка.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Можеби во себе и сам со себе зашто живееше за двајца и во него живееја двајца: едниот ноќе се закануваше, другиот наутро патеше од тие закани.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Види, рече. Поинаков е животот наутро.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Кога се бричеше наутро, ставаше крпа околу вратот да не го испрска со пената од сапунот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Во нејзиното училиште во Кошишча најнапред почнаа децата да добиваат наутро појадок.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Наутро го наоѓаа папсан крај темелите.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Наутро мора да станува порано и во одредено време, па мора да се мие, па мора да се облекува.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Волшебен беше и наутро, и кога сонцето ќе се најдеше зад него, па темен на златната заднина од небото, опшиен по рабовите со златен конец на сончевината, врвот изгледаше неописливо убаво, волшебен над сите волшебности.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
13. ПОАРНО ЧОВЕК ДА ПРОСИ, ОДОШТО ДА КРАДЕ - и просеше тој и крадеше, но арно му не е, кога наутро сонцето на небото ќе се здаде гледајќи го жалосен и жално му се смее...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
Од ова место, од овој брег, Профим наутро прв узнава каков ќе е денот; прв наутро со очите шета по езерото, и по неговата мирна или разбранета површина, заклучува каков ќе е денот: убав или лош; одовде тој прв го здогледува и раѓањето и умирањето на денот; одовде прв на дланка ги дочекува дождовните капки, првите снегулки, ветровите, маглите; по сите пролетни и есенски поплави што го зафаќаат селото, тој прв излегува од куќата како дедо Ное од ковчегот, и проверува што сторил господ; што однесле суводолиците од селото, а што оставиле; одовде тој секое утро се прекрстува кон манастирчето Св. Арангел, молејќи го за здравје и долг живот.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Озгора од куќата своја, го гледаше сето село како на дланка, гледаше сѐ што се случува во него: во која куќа наутро најрано станале, во кој двор се трча да се фати кокошка за колење, кои жени, уште недорасонети се караат преку плотовите; кои луѓе не си ги користат домашните алиња, туку клечат зад копите и гаждарињата во дворот и бавчите; кој уште пред да зазори, како гробник, како волк, бега од некоја куќа и се провира низ плотовите за да не го видат кај која ороспија преспал ноќеска; на кои чардаци што се суши; која се потпалила, која се препокрива, која се довршува, кој последен излегува од кафеаната и го бара патот за дома, кој влегува и излегува од селото: за добро, за лошо.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Наутро, по расцветувањето масленоста на ружите била најголема.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Наутро, ако минеше по париските улици и паркови, ќе сретнеш на секој чекор кучиња што ги водат нивните стопани.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)