натпреварува (несв.)
И почнаа јатрвите да се натпреваруваат во работата.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И почнаа да се натпреваруваат кој повеќе Мариовци ќе побугари или ќе погрчи.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Едни ги пикаа своите годиначиња во градите, а тригодишните под широките кошули и така клечеа врз нив како квачки врз пилиња; други ги криеја децата зад иконите; една го кладе детето во камарата каде што попот врши проскомидија; друга го бутна во мазгалката зад иконата на св. Илија, а сите зедоа в раце по една икона, натпреварувајќи се која да ја земе иконата на Ристоса, св. Богородица и света Петка, надевајќи се дека нивната сила е поголема од онаа на другите светци, та белким и ќе ги заштити барем децата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Работеше нешто, повеќе белешкареше, за она време додека Змејко беше бригадир на градежната бригада, тоа време имаше доста такви белешкари и евидентичари, крај оние што работеа и што се натпреваруваа, а кога Змејко откажа да остане бригадир, тогаш уште првата утрина старецот ја изнајде некаде и ја зеде под мишка една стара заборавена и извалкана од рѓата синдикална книшка од 1922 година, што се беше сочувала меѓу алатите и отиде со неа кај Претседателот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
На појадокот се натпреварува со другарчињата, ги брише чиниите, раководителот го пофалува.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Веднаш и тоа се качи зад мене и викна нешто. Камилата се исправи и потрча. Се натпреваруваше со ветрот во брзина.
„Сенката на Карамба Барамба“
од Славко Јаневски
(1967)
Невидена олимпијада Се натпреваруваат тројца старци на своја олимпијада кој ќе пушти поголема брада.
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
И затоа береа, се натпреваруваа, да завршат побрзо, да заработат повеќе. А можеби брзаа и за друго?
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Пред огнот, кој во оваа свежа летна ноќ зрачеше топлина, наредени околу софрата, не да го вечераа туку го кркаа, се натпреваруваа, го гребеа качамакот и планинците и луѓето од градот.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
„Киро е“ -заклучи Бојан. Со него Бојан често се наоѓаше на Рамни Ливади, каде организираа борби на бикови, кочови или, пак, се натпреваруваа во галопирање.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Но откако зафати војната, на луѓето умот сѐ повеќе им се сврти кон гробиштата; започнаа да ги оградуваат, да ги чистат гробовите од трње, пиреј, капини, глог, змиорики, повит; зафатија да се натпреваруваат луѓето кој подобро и полично ќе го уреди гробот на својот предок, на своите блиски и роднини; започнаа надгробни споменици од најличен камен и мермер да се прават.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Уште не е заборавен снегот а славеите веќе се натпреваруваат во дворот По ружите по џбунките по маслинката.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Сјајот на скапоценостите во нив засенува на секој чекор и човек би помислил дека падишасите се натпреварувале еден со друг своите престоли да ги искитат со повеќе злато, дијаманти, смарагди.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
За да не трпат тие за вода, редовниците буквално се натпреваруваа која попрва ќе се снабди со вода, па уште со темници побрзуваа да зафатат ред на чешмите и бунарите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Букварот, велат, ќе ги обедини, ќе ги освести и заедно сите ќе се кренат да се борат, и Грција склучува договор со Турција и ги враќа Грците од Мала Азија, сите ги населува во нашите градови, а македонските Помаци ги иселува во Турција, ти ја земаат земјата сосе гробови, а без гробови немаш ни роднини, нивните војници со убиства се фалат во писмата: кој колку Македонци убил, се натпреваруваат во убиствата и затоа добиваат наградни отсуства и нешто друго добиваат,
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Поводот што ја предизвикал така силната емоционална реакција е победата во shopping натпреварувањето во кое се добиваат неколку стотици долари и количка со прехранбени продукти.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
И ако промовирате политика на идентитетот, тогаш за вас не постои друг начин за однесување кон идентитетите различни од вашиот, освен да се натпреварувате со нив.
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)
Корисникот го стартува нашиот диск и се натпреварува со Марк Твен. CD-верзијата ќе овозможи и меморирање и употреба на дигитални филмски инсерти.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
Во сајберсветот ќе се натпреваруваш, ќе имаш љубовни врски, размени, шаховски игри, разговори, истражувачки проекти, ќе скијаш на кој рид сакаш, со сите оние прекрасни луѓе, и секој сѐ повеќе и повеќе ќе комуницира со помош на тој глобален јазик на икони. okno.mk | Margina #17-18 [1995] 89
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)