напика (св.)
Наредени околу голема маса од патинирано оревово дрво, ги испитуваа сите можности да ме напикаат во некој бунар за мачење и, кинејќји од мене парче по парче, да ме присилат да изјавам во лента на магнетофон дека сум член на илегален штаб чии планови, во најстрога смисла, се сведуваат само на едно - закопување на политичките призраци и побратимување на Земјата со Него.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
А што ќе станам? праша. Полицаец, рече стариот. Сакам едно двајца од чаршијата да напикам в дупка.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Јадрите волци што ја јавнале Турција ги напикале обичните мали волци в бувар.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Потоа бркна во своите муси шалварести бечви меѓу гајтаните каде што му беше џебот, ја напика надолу раката скоро до лактот и извади клуч.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Сите девојки ги напика во мијалницата и им нареди да се слечат до гола кожа.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Нѐ напикаа во една соба: да нема место да се протегнеш, ногата да си ја исправиш.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И пак сета моја брада ќе ја напикаш во напрстокот на абаџијата Панчо Крстин од Кукулино.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Подоцна, многу подоцна, се чуло во Кукулино од некои кираџии дека се вратил оддалеку маж ѝ на Фиданка Кукникова и исекол поголема гранка од дуњата во дворот, ја исчистил од кора и ѝ ја измерил тежината со десната рака, бил висок, со светла коса и имал во торбите и дисагите што ги донел на маска секакво богатство; веднаш, со првата ноќ на неговиот втор живот во Лесново, ги спобркал сенките што се грчеле со машки воздишки околу неговата куќа сѐ додека не натерал тројца никаквеци да се напикаат во манастирот па тој таму без збор ја дигал и ја спуштал ластегарката поттикнуван од цел куп жени што дошле да ги собираат своите парталковци и да ги лекуваат дома од модрици и навреденост со толчен печен кромид во зејтин, потоа, по три или четири месеци, кога можело да се види дека прочуената убавица затруднела, попот знаел дека ќе остане без нова кошула, без нови чорапи и без куќа иако Доце Срменков му рекол дека ќе му купи нови опинци и, повторно облекувајќи ја везената кошула, отишол во некое штипско село по осамена вдовица со момченце од три години и со покуќнина што можела да се натовари на два магарешки коша, така било, селото се наполнило со доенчиња до првата протока на ракиските казани во сувите дни кога младите татковци се насмевнувале со модри усни кон Фиданкиниот маж од чија ластегарка сѐ уште накуцувал ситноглавиот Гавруш Пребонд но тој и порано со есенските 'рѓи чекорел под тешката облека со една здрвена нога од настинка и веќе се пеело, законите на Лесново или биле измислени заради дојденците или се заборавиле, и се кршел каменот по пештерите, впрочем и можело - на небото потрепетувале многу повеќе ѕвезди отколку што ги паметеле луѓето во тоа кратовско село.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Му ја зеде пушката на заспаниов Борис Калпак и ја напика в слама.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ако сакал некој да знае, тој можел да му ја напика в џвало вистината: чудовиштето лежело во самиот параспур на македонското село, во неговата слабост да се измачува со секакви стравотии, со морници да ги задушува морниците на грубиот живот; да, животот е чудовиште што ја подгонува кон бездна двоколката на судбината во која се запрегнати луѓето, сите во јарем и со железен жегол в грла, слепи за крајот на патот, запенети и со сокрвца на напукнатата кожа, со набрекнати јагарци од обете страни на гркланите, под мишки и лево и десно под папоците.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ќе ме одврзат и ќе ме напикаат во рудничка јама. Роб на Мортенија, тоа ќе сум.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Тогаш оние придојдените и оние што не стигнаа да се напикат во некоја отворена уста на црните вагони, си ги задскрија тупаниците од зад грб и назадечки го отвораа кругот околу вагонот со скриена мисла во главите дека уште веднаш треба да се спотнат огновите за да не ги угасне денот и сонцето.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Риса и Тронда кога ќе се напикат во тој матен поглед ќе биде полесно, тие ќе му ги откачат овие два товара.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Таму, собирајќи секакви дрвени дробеници, има малку место во неа да се смести и околината: фабриката со оџакот што се брца во денот што постепено се разбиструва, бавчите во кои како да се напикала снагата на зградата, дрвената куќарка на Дине Бочаровски (скоро сите дрвената барака ја сметаа веќе за негова), големата куќа на неколку ката зад бараката на Дине со џамови во кои оти на високо проблеснува изгрејсонцето.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Бргу донесовме слама, ја напикавме во ралупот.
„Маслинови гранчиња“
од Глигор Поповски
(1999)
Во нивните отворени усти се напикани стебленца, лисја и цветови, размачкани со булкин сок како крв.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Тогаш сите од маалото со часови зјапавме, напикани токму во подрумот на Мики, во и меѓу нозете на девојките и жените што стоеја пред продавницата „Громби“ над нас, врз подрумските решетки, а кога понекогаш ќе задуваше ветерот на кој му го заборавив името, тоа го доживувавме (молкум) како премиера.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
А можеби просто се најде навреден бидејќи на негово место донесоа едно детиште кое дотогаш беше правниче во некоја задруга, го оставија новодојденецот да го напика во некое канцеларивче во кое повеќе никој ни вратата не ја отвораше да го види, да му рече, Што правиш, како си.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
За да го отепа некако времео, излезе надвор и, откако малку се загледа во несмасната нова верзија на театарската зграда на плоштадот и во недоумение дали да премине преку плоштадот и да тргне по главната улица кон Драгорот или да сврти в десно и да се упати кон Ленски мост, ги напика рацете во џебовите и сепак сврте в лево да оди по улицата право нагоре, во спротивен правец.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
По повеќе од половина час заморувачко клинкање, кога Едо почна веќе да чувствува дека пределот околу него обраснат во зеленило нема доволно воздух за неговите гради, пристигнаа во некое село во кое згрмадените приземни селски куќи беа како напикани и задскриени под сенките на огромни дрвја.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)