наметка (ж.)
Никола ги прибира полите од дебелата волнена наметка, се спушта крај искршеното и издупчено широко канабе претрупано со разни книги. Гласно пребира по книгите.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Едниот е со широкополна сламена шапка, која се дига еден лакот над црната шапка на другиот, дебеличок, со пасторска наметка врз плеќите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
А едно момче во бело, со некаква чудна подуеност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваат во црквата за таквите редови, додека тие стојат со сонати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци, и засипнатиот селски поп со извиткан тенок како штичка блед нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови на свечената одежда пее бесчувствено и колку да помине редот одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а потоа некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Мислеше на оној нивни соученик напред, во белата наметка и со поцрнетото извоштено сребрено барјаче. Тоа беше тој.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Грачи, клетиот, грачи, по проштевањето и за вас што ќе рече: ене ги, она бело цвеќе по камењарот Со златна наметка залез покриено...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
- Ама да не беше мојата наметка, сега ќе беше мокар до кожа! - рекол оној што му помогнал на својот сопатник.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Врнало па и преврнало. Огреало потоа сонце, па ги симнале пријателите наметките и продолжиле да јаваат понатаму.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
И, да не должам многу, добри мои, уште неколкупати се повторило тоа: „Ама ако не беше мојата наметка, ќе накиснеше до кожа...“ и „Многу ти благодарам...“ па на човекот што си немал своја наметка најпосле му прекиснало, му прелило што се вели, па се симнал од коњот и сосе алишта се фрлил во реката.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
- Потоа ќе се бришеш со големи, меки пешкери, ќе облечеш долга свилена наметка и така, намирисан, секој ќе премине во салата за масажа.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Оптичката појава ја соблекува сивата наметка, се открива во својата пулсирачка полифоничност.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Стоеше под гола мошне разгранета липа и под безбојната старомодна наметка на толку висока како што мислев дека е, без јасен лик и со спуштени раце, неподвижна.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Отстапил малку пред налутениот челник и со прст повлекол невидлив крст преку челото. И се згутавил под лита наметка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Кругот е завршен – црномурестиот витез со жолтата наметка поаѓа кон Градот, а идната хранителка на змиското семе копнежот незадржливо ја води од Градот, кон прегратката на блискиот незнаенец.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Го виделе како езди низ полето, со пурпурна наметка што се вее зад него, и терајќи го коњот во бесен галоп, исчезнува пред вџашените погледи на војниците од градските бедеми.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Чанга со сите се поздравуваше. Носеше величествена козја долга наметка, изработена од илјадници бели влакненца кои блескаа како зраци на козјиот крал–сонце.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
И капата на грофот, од оние што се ставаат на глава со цел да се размислува, и големата како планина, величенствено извезена наметка, неизбришливо ја дефинираат опремата на волшебникот којашто останала недефинирана во Шекспировата драма.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
И таа ја помилувала неговата голема, опнеста наметка со грижлива завидливост.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Иако овие костими се хиперболични, анахрони и неконзистентни - зошто еден војвода од Милано би носел капа на венецијански гроф, или неаполски благородник би носел холандска наметка? - тие се метафорично делотворни.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Како и да е, господинот Сенка никој (што значи и: никогаш) не успеал во потполност да го опфати со поглед; само ненадеен трепет во мракот (црно преку црно), пред да се заспие, слично на одвај чујно мавтање на лилјак - нешто необјасниво но страшно; или молневита трага од крајот на долгата црна наметка што се губи зад некој агол, и тие чудни сеништа (од уште почудни светилки?!) по старите и мемливи ѕидови, тогаш кога минува господинот Сенка.
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Таа го пречека како што го пречекуваше во сонот: со кафе, со пијалак, со проѕирна наметка на неа, со седнување крај него на каучот, со допирање со голите колена како што го допираше во сонот.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)