наврапито (прил.)
Аирлија плачење наврапито? Кажи срце на мајка, лек да ми ти бара.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
А појот, ту близок, ту далечен, ту длабок и растреперен, нескладен и испрекинат, се растура во ноќната тишина тажновито и пејовито, потсетувајќи на еднаш изминатото време што наврапито го однесоа и го однесуваат времињата крвави и мрачни...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Лазор, кутриот, се сврте наврапито спрема Максима, но Мустафа ефенди, како и сите Турци голем љубител на борењето, рече Јас ставам две лири на нашинецов и веќе немаше кој да одречи да нема борење помеѓу нив, помеѓу Лазора Перуноски од Потковицата и Иса од Кичевско: Мустафа ефенди го испрати протуѓерот да ја разгласи борбата за точно напладне во Али чаир па сите заедно слегоа во дворот на општината за да ги состават борачите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Се доизвикува и наврапито се завртува спрема гробот, се прекрстува и откако изговорува Бог да го прости зачекорува да си оди.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Од наврапито почна да се слекува.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Првпат по толку пат Дедо Мраз ги стопира елените толку навропито што санките се испоудираа, а од нив се исполизгаа многу работи.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Наврапито се свртува наназад - лице в лице со Јана.. се џари во очите, темните очи - ама без светулки - светулките згаснале во некаков длабок вир од тага.. ја гледа, усните ѝ се движат, гласовите испрекинато навлегуваат во неговата душа, небаре далечно ехо: Тато ѝ кажуваше на мама - дедо ти ја продал ливадата - не ми се веруваше... не сакав да поверувам...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
Петре и Злата се погледнаа вџашено. Петре наврапито стана.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
Решив тоа да го сторам наврапито, на мигови и против своја волја. Татко не се противеше.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Се фрли наврапито врз хартијата, ја зграпчи со двете раце, ја згмечи со невидена ожесточеност, ја искина диво, нескротливо, бесно.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Тогаш по небото вртеле белоглави орли - лешинари и соколи - мршави кои наврапито се спуштале на земјата и се враќале на небото со парчиња стрв во клуновите. - Поради нив, ни опусте небото.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Избран ли е наврапито, избран ли е со некаква злоба меѓу толкумина други, или пак со него валијата, сметајќи го за слабак, одново си поигрува ликувајќи, за да му каже кој е заправо тој, не она што мисли, па да го понижи, и да го примора уште еднаш на покорност и спремност да биде благодарен на сѐ?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Има работи што не се за продавање...“, Симон некако наврапито рекол: Ами, тогаш и потопувањето на Долнец е еколошко прашање.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Покрај тоа, сум никаков говорник, со луѓето седам немо, им здодевам и своите обиди да им искамчам некоја пара ги изведувам толку наврапито, сред некој молк, што звучат како уцени.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Очите му се крвјосани. Дишењето му е наврапито.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Излезе наврапито од својата хотелска соба и со празното куферче слезе да појадува.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Откако Камилски срдечно се поздрави со Татко, наврапито и внимателно го отвори волшебното жолто куферче, ги положи речниците врз масата, со тоа давајќи му на знаење на Татко дека е веднаш готов да започнат со ловот на опасните зборови, небаре тие ќе исчезнеа засекогаш без да ја доживеат замислената осуда.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Пролетта дојде наврапито. Небаре грмна и расцути...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Без да тропне на металното ѕвонче на капијата, влезе во дворот наврапито и запраша веднаш каде е Татко, без да нѐ погледне нас децата в очи.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)