лубеница ж.

лубеница (ж.)

- Улав си, го удри Пенчо со два прста по челото; како да испробуваше лубеница.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Мирисаше на зрели, сочни лубеници. И на солзи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Имаш ли свој бог, Јано? „Јано, едно дете ми рече дека еднаш бог седел во нивниот двор и сечел лубеница.“ Не можеше да се нурне во себе и да испитува, сега, кога беше сигурно дека двајцата нејзнини богови ќе се сретнат и ќе ја разголат нејзината тајна.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тие двајца не смеат никогаш да застанат еден наспроти друг. „Јано, зошто бог јаде лубеници?“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Утредента пред пладне, кога Јанкуло се лизна на влажна семка од лубеница и си ја скрши ногата.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Исус Христос е резенка црвена лубеница Покрај постелата на старецот.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Со тава од фурна, со печено месо на жар, со риба пржена во тавче, со домати и пиперки, и со лубеници, кои овде лете ги има многу.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Ќе ги удрат, вели, и после се растуркуваат кој да го земе срцето од лубеницата, кој да го земе попот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сум видел како од автомобили што врват по улиците излетуваат низ отворените прозорци: хартии, празни кутии од цигари, кори од банани, од лубеници...
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Двајца војници влегле во еден бостан и кинат лубеници, вели, кинат и ги удираат од земја.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Беше Света недела, беше рано изутрина, беше Божје изображение, ден кога во Потковицата се обискуваат првите плодови на летото, лубениците и грозјето и беше само два дена по разговорот со Дамческите, кога во гостинската одаја влегоа Руса и мајка ѝ.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
— Сипкавите лубеници имаат поголема слач.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Многу слатка лубеница, кој ќе оди утре во НКВДЕ?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Манол Форевски и Ристо Коларов дотркалале една лубеница и се ладиме. Може да имаше 30 кила.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во Комитетот, токму вака, кркаат лубеници и чекаат тој да ги поведе во нова револуција.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
„Власта, онаа што не крка лубеници на гнила софра, му ги дала медалчињата.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тој ден игравме шах; отидовме во самопослуга да ми купи сладолед; ни пресече студена лубеница по ручекот; ни скина грозје од лозницата над терасата; ми вети дека ќе ми ја залепи гумата од велосипедот; го капевме кучето Синга во пластично легенче, а тетка Јорданка (жената со која живее, а за која јас често го прашувам дали може да се рече дека му е девојка) го триеше со шампон; ми предложи да одам заедно со нив десет дена во Охрид пред да ми почне наставата во училиштето; се радуваше кога му раскажав дека во Тиват ме избрале за втор придружник на Мистер на летувалиштето; ми честиташе што сум бил победник во натпреварот по пливање...
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Старецот потоа берел секакви тревки и ги варел, ја терал снаата да пие, и пак ништо не помогало, селаните сепак не виделе дека таа оди како да носи лубеница под ленената кошула и не ќе го виделе тоа ако и другиот тревар, Пандил Димулев, не се зафатил да ја лекува, секогаш по залез и без сведок, со денови и со месеци можеби, па во некое утро застанало момчето пред својот татко и, копајќи со врвот на опинокот пред себе, сцрвено и бушаво од сон, рекло дека може да се почувствува со рака и уште повеќе да се чуе со уво: русокосата женичка носи под градите живот, ќе биде или внук или внучка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Полето црвено во образите го гризе последното парче од сончевата лубеница.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Повеќе