испрска (св.)
Јас сум остарела со стројниклак, дури, кога не ќе бендисува, ќе те испрскаат со лоши зборови така што... да не можеш да ја најдеш вратата од која си влегла за да излезеш. Блазе...
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
КУМОТ: Јас сум рекол и пак велам; со деца матеница не се срка, оти ќе те испрскаат! (Гласови од младите: Аааа... не ги бендисува — старите со старите, сакаат помешани со младите).
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Тој гадливо се намурти и ме испрска со стотици капки плуканица.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Дреите спрострени на жолтото, како килибар песоче, десно од колјата, сигурно се потсушија веќе. Треба да се испрскаат. Водата и сонцето најарно ги белат.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Кога се бричеше наутро, ставаше крпа околу вратот да не го испрска со пената од сапунот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Ќе го испрскаме со вода, па така да се врати од кај неговите.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Високиот снег надвор беше стврднат како чкор, а месечината така блештеше врз него што се гледаше сета нечистотија со која белината беше испрскана во деновите додека нов снег не паѓаше, а стариот не се топеше.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Со крвта на животното ги испрскале воденичките камења, крв веќе да не се пролее од нивни орач и жнеач и скоро сосила довлекле однегде мијачки живописец, со секакви бои да ја забележи на внатрешните ѕидови историјата на покладарите, нивниот пат од Кукулино до Лесново и назад, со завршна сцена во која Онисифор Проказник ги подава исусовски пребелите раце кон куп воскреснати луѓе, од набожни причини со крилја и со голи бакрени стомаци под спокојно прекрстените раце, сите до еден, дури и малоумниот Јаков Иконописец, сликани според опишувањето на нивните мајки, жени или синови и секој над глава со напишано име.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во својата голема одаја со чифит-ѕидови испрскани со златни капки (ѕвезди или дукати, стремеж кон пророковото стојбиште или бројки колку е издадено од неговата азна за издржување на медресата) не можел да ги преброи во сарајот ни атовите ни сеизите, ги штракал бројаниците над разгорен мангал и го чекал езанот на оџите да му се заблагодари на пророкот за сите добра на овој свет, потоа нагрнат со ќурк и со невидливи гавази зад себе стоел пред нејаките пупки на разбудените каранфили или замислено ја слушал опивната тага на чалгиите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
По паузата изведувачот лежи со главата потпрена на рака во локвите од сопствената крв. Делумно со неа е испрскан и по телото.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Јас почувствував како ме испрска песокта.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)
Стоев и се џарев во затворената врата и испрсканиот со кал џамлак.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Папуџијата го испрска со ѓулсуи и откако го распраша за ова и за она, ја повика ќерка си Тодора од куќата внатре.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Хана, значи, по еден краток разговор со сестра си, дефинитивно го напушти семејството, вљубена во црните очи на Леон, во длабокиот глас и во неговата густа коса во која ја протнуваше тенката, грацилна дланка секогаш кога тој ќе ѝ се загледаше во светлите, сини очи и во пегите со кои беше испрскано правилното лице на Хана.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Не можеш да се скриеш во скривница! (Пауза.) Треба да се испрска мрежата од вентилацијата. Видов лебарка од сто грама.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Камчиња к'о овесни снегулки (со рибино масло испрскани) Црвеноперки од солени стапчиња презаситени (со помада од алги негувани) Острови - плочки за табла вртење (пловечки монети од времето кога боговите „писмо-глава“ си играле)
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Кети ги испрскала модрите патлиџани со многу инсектициди за да ги заштити од бубачки, но поради големото количество прашок тие беа збрчкани, како корењата да им беа изгризени од штетници.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Не стигнал позорникарот, откако со прст ја притиснал својата десна ноздра, со левата да го повлече половината грстче, кога мртовецот кивнал толку силно, што наполно им ги испрскал очите на сите тројца.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Тогаш од купатилото се врати Азра која во меѓувреме со ладна вода се испрска под мишките и меѓу нозете и гласно негодуваше за шиштењето на славината над кадата.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Адолфина, паулина, марие и роза - сал една би била вишок во драмата на чехов а сите се отпишани од тефтерот на брат им зигмунд фројд отла и кажува на адолфина дека ги довеле во логорот во терезин и дека е најдобро тука да останат што подолго отла и кажува на адолфина дека храната е еднолична, катаден супа од леќа а попатно и спомнува дека има брат по име франц кафка адолфина веќе почна во себе да го портретира кафка мачејќи се во шеширот да му ја смести ергенската несреќа - во бараката на трудниците несреќата има друго име во предвечерјето на смртта и без месечина јасно се гледа дека црното млеко не е поетска измислица под црно сонце во црна темница четирите сестри на зигмунд фројд спокојно го чекаат црниот воз кон невратот рано в зори и не го забележаа брат им зигмунд како нервозно се тртка лево-десно на перонот пред да си ја испрска совеста во ѓолчето од сестрински солзи.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)