испили (св.)
Сонцево, само што се испилило, а ѓаволски пече. Денеска не ќе има ладовинка.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Месечината, натечена од една страна, се испилува од перјата на еден облак и поаѓа во агитација за топли човечки односи.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Пустите празници што ги пречекувавме со поглед, испилен од сапуницата в очи.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Кога нѐ собираше повеќе, станавме. Од многу седење може јајцата да ни се исквачат, да ни се испилат. Така, ба ми како! Дуко Тренчески дури и не подиспрати.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
ја знаеш приказната за штркот и штрчицата, ме прашува, кажи ја, му велам, некој ѝ ги заменил јајцата на штрчицата што ги лежела, вели, а кога јајцата се испилиле, вели, штркот видел дека испилците не се негови и почнал да ја врти главата над гнездото, над голиштарците, и само штракал со клунот, замавнувал како човек што се крсти, вели, штракал и се гледал во испилците и во штрчицата, вели, а потоа викнал и други штркови да го видат срамот, вели, и тие ја истерале штрчицата настрана и долго штракале, се договарале за потаму, вели, и после ја викнале штрчицата назад и почнале да ја тепаат со клуновите по глава, вели, так, так, так, а таа само стои, а потоа ги отепале и голиштарците нејзини, вели, ги кренале високо и ги отпуштиле озгора;
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И со денови чекаше да се врати птицата, да го побара. Да снесе нови јајциња, да испили пород. Чекаше, но таа не се врати.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Тоа не ѝ откинува на Родна и скоро гласно проговорува Уште не се испилил а веќе ги ококорил очите!
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Баге заустува да му се спротистави: дека син му не е педер, дека е нормален, дека е женет, дека има дете, дека во нивната семејна лоза нема ни намек на самоубиствен ген, дека сета таа работа е наместена, изрежирана и подметната од некои мрачни сили што се испилија во овој наш плурализам (беше готов да плукне притоа, но во последен момент се воздржа), дека неговиот син е нивна невина жртва и дека токму тие како служба се должни да ги откријат, да ги казнат, а на синот негов да му го обелат образот, макар и мртов.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Седам и квачам дури и не знам Дали ќе е ова уште еден Циркус Принтипрам* И дали ќе се испили беден или вреден стих од ова што се мачам доцна во ноќта – ѓупка кога напрегам гради и срцето тихо тупка во оклоп од коски А мојата душа расчленета Ко Лајбницовите Монади Моли: – наслони се стиху на моите мисли ко дете на мајчини боски 2008
„Сите притоки се слеваат во моето корито“
од Марта Маркоска
(2009)
Како да ја пронајдат таа, која ги „испили“ и му ги подари на овој свет?
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)