издишка ж.

издишка (ж.)

Зборовите паѓаат во темнината како искинати издишки.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
24. ИАКО ТИ ГОРЧИ, ТИ РЕЧИ ГО СЛАТКО - црвенее потцртувано и во тестаменти и во други пораки до синот од татко, а всушност е издишка, на душата вентил...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Наоколу мирисаше на догорени свеќи, на лански босилек, на пресна земја и на некоја старечка издишка што поминала меѓу расипани заби.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Издишката ни станала бела, како слана, како пепел.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во воздухот вее издишката моја Во земјата пее искрата моја, Со која семето го садев, со која Леите ги вадев, издишката моја.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Од водата се накрева издишка, ти свири на уши, сол и јод ти лепи на устите, мене уште со прво ме потера на повраќање, сета сум ко ошумоглавена, воздухот ми станува плиток, не можам да го досегнам, не ми втасува дишењето,
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Единствено стравуваа од јужното ветре, од топла издишка која Севишниот еден ден требаше да ја прати, од капката која можеше да им го наруши сонот на сонувачите или да ги разбуди.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Друг, пак, подуен како насмукан крлеж, јадеше сѐ до што ќе дојдеше во домовите на своите засонети граѓани, притоа испуштајќи сладострасни издишки и кркорења.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
„Таа беше само една капка вода, која се тркалаше по градските сокаци... Глувонемата Кијамет... како кротка издишка.“
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Околу главата му виореа ѕвезди, се пресегаа сечила, издишки и клетви круна му правеа како на светец.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Се слушаше како шепоти молитва, како се крсти, дури најпосле не легна со тешка издишка.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Убавиот лик не го следеше тој со вртење глава, а го проследуваше, се така загледан в земи, внатре во себе, дури не му се сталожи како неусетна издишка.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Трепери пламенчето на свеќата и стоејќи вгледан во рамницата, ми се чини дека допираат до мене бучавата на авионите, тресокот на бомбите и гранатите, свирежот на куршумите, мирисот на напалмот, врисокот на стотиците очајници кои биени од небо и земја, газени и толчени под тенковските гасеници со последната издишка трчаа по оваа последно мало крајче од езерската земја со надеж да се фатат за последната сламка за спас на животот...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Заради издишка и краток одмор влеговме во најблиската кафеана.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
А таа слика, таа глетка на трчање зад камионите, тој плач, таа болка, тие викања ми се вковаа во паметењето и сега споменот налетува, надоаѓа како бран, како рој, живнува, гори, жежи, се нижи збор со збор, вик со вик, плач со плач, солза со солза, издишка со издишка се врзува во синџир, се втиснува, стега, гмечи и боли...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Успешно завршената сесија ѝ даде можност за една малку подолга издишка.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Нека гракаат гаврани и со остар поглед орлите од висина нека одбираат мрша... - последните зборови ги изусти небаре се остаток од издишка.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Високо - го снема пурпурот на заодот и во последните издишки на примракот, дотече мракот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
В очи и лица залепува студен снег, пресечува издишка.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)