изговори св.
изговор м.

изговори (св.)

Ние ако сакаме да имаме чиста совест пред нашиот народ и пред себе, треба да ги земеме на себе и најмачните научни работи за да му помогнеме, а не да се изговараме, избирајќи го најлесното, дека немаме способности или влечење за оние науки што бараат најмногу труд и желба за работа. 56 Културното работење е поморално од револуционерното, зашто со првото интелигенцијата се чини вистински слуга на својот народ, а со револуцијата таа се обрнува во немилосрден експериментатор.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Таа толку брзо го изговори тоа, дури и Баждар се збуни и шмркајќи зад брадата се доближи до мене и се потпре со едната нога на ѕидот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Подгрбавен, тој како да се готвеше да скокне; го гризаше цегарлакот и молчејќи гледаше низ обесени клепки. - Сега, најпосле изговори и се исправи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
— Пак, ела ми, ела ми, пак, овде, вадика ќе те права пак. — Дедот Стале не можеше да го изговара тврдото „л“ и говореше нешто средно од „в“ и „л“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И кога на Митровден ги намнисуваа браќата Сукаловци за некоја селска работа, Стојо бегаше Опстраница и таму оставаше цела недела и две, а Илко се изговараше дека без бацка си Стоја тој ништо не знае.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сега за првпат откако се познаваше со неа и го изговори името, и таа, не очекувајќи го тоа, не го задржа солзите.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе промрморив отколку што изговорив: - Тежок душевен потрес.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога ќе требе да го изговорам твоето име позајми ми ги вилиците.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
По распаќињата луњите го изговараа твоето име место каде.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Мачорот убаво се намести а Бошко почна да му раскажува: - Ги крева учителката децата едно по едно и им вели: „Васка Петрова, слаба си, вели, Митко Пешевски, подобро да учиш, Димко Арсовски добар си но можеш и подобар да бидеш, и ги крева така учителката сите деца и на сите по нешто им вели. Најпосле го изговори и моето име: „Бошко Стојчески, вели, - одличен.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Но само што ги изговори првите зборови од песната, тој веднаш им се сврти на пејачките и, гласно, самоуверено, им свика, повторувајќи го со мака зборот: - Фаајрон, фаај...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Капакот ѝ падна од раце, сандакот се затвори и Бојана изморено се отпушти на него, изговорувајќи го тихо, од длабочината на душата милото име: - Крстане, Крстане!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Старчето ја накривуваше главата на птичји начин, ту на една ту на друга страна и прашуваше грлено и смешно изговарајќи го „р“ -то.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
ЛУКОВ: (Задоволен од ефектот на своите зборови, пак надмоќен и циничен.) Не присилувајте ме, Ви се молам, госпоѓо Христова, да ги изговорам гласно работите на кои им се противи моето домашно воспитание?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Офицерот ги изговараше зборовите со една намерно барана лирска интонација, запираше наместа да го сврти вниманието на некое име или факт.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Занесот со кој го изговараше овој збор влеваше во Анината снага љубоморно стреснување.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Како и сѐ друго – и зборот твој во мене се раѓаше И како се обидов да го изговорам твоето име Така гласот ми се скамени на усните.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Мајката напиша на едно ливче: „Утрово му викнав на Димчета да си ги врзе чевлите, само што го изговорив тоа ми се врза јазикот.“
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Војник не сакаше да им оди, а таа кутрата, господ да ѝ прости... - рече Божана - ѝ се стегна грлото и дури одкако ѝ потекоа солзи од очите, бришејќи ги, изговори некако:- Се обеси.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Така и викна, изговори некое име изгледа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Повеќе