избие (св.)
Чума ли село избила, глад ли е морило?
„Крвава кошула“
од Рајко Жинзифов
(1870)
Уф, каква глупост би направил да го избиев!
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Од кај исток се распука модрината на ноќта и небото прво зарудеа во црвени пламења, а после од некаде зад планината изрони и усвитеното коло на сонцето, кога бегалците избија на прашниот белузлав пат што се извиваше како змија по грбот на планината.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Како огромен шарен килим долу се простираше полето и искапено во утринската роса се преливаше во златото на узреаните оризови класја, во зеленилата на тутуновите стеблинки, а тек-тук се белееја и снежните пахулки на памукот што избиваше низ распуканите чушки.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Од ѕверската јама на општинскиот писра избиваше несносна пискотница на виолина.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Сега и да сакаше да се врати, навалите беа растроени, дејците позатворани, некои од нив и избиени.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Легна под Малчевиот орев на плеќи, ги фрли очите во широките лисја на оревот и побара едно прозорче преку кое погледот му изби.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тој се загледа во малиот отвор од кој избиваше црвен пламен, како од челуста на голема, разгневена ала.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Дотогаш намовнатите дремливи мисли се апеа под неговото теме во врела темница; нивното долго и продорно пиштење избиваше во остри бликови низ ушите.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Како да беше сиот од мали вентили: штукаше и изгледаше дека прска, отфрлувајќи ја главата од собраните раменици. Се знаеше - од него избиваше парфем и лук.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
На слепоочниците им избиваа остри зраци смеа и се ширеа кон врвот на ушите. Како лепези.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
По враќањето во Татковината веднаш избил на чело на револуционерните акции во Охрид.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
ФЕЗЛИЕВ: (Го трие челото. Сеќава дека го избива студена пот.)
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Тоа надоаѓаше во неговото тело во некакви спори налети, од кои се чинеше како по сета кожа да му избиваат некакви црвени безболни пликови, беше свесен дека тоа мускулите во него умираат.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Патуваше така Зоки од еден мал град во едно големо село, па покрај една широка река до едно долго море, дојде во една тесна улица, а потоа изби на еден малечок плоштад, па виде една ниска планина и се искачи на една висока рамница, и сѐ така патуваше и патуваше по целиот, по целиот свет...
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
По челото му избија капки пот.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Бојан стоеше на височинката зад колибата, загледан на север во едно парченце пат што избиваше од темната букова корија, се простираше дваесетина метри преку една чистинка и пак се вовираше во високата букова шума.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Отаде, на фронтот пред нив, каде што татнеа топовите, хоризонтот беше затемнет од некои думани во кои по секој пукот од земјата никнуваше ново темничиште. Наместа од земјата избиваше оган.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Се придигна и со мил поглед, низ кој избиваше светлина од неговото чисто, простосрдечно срце, ги гледаше момчињата.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Седеше така долго време, глув дури и на завивањето на волците околу колибата, а потоа наеднаш, како да изби, како да се скина некој обрач што го стегаше, се плесна на одарот и заплака на сет глас, со порој незадржливи солзи во очите...
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)