здогледа св.

здогледа (св.)

(Тргнува кон спалната и го здогледува оружјето до миндерот. Застанува.)
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Затоа ти велам: на брегон, па кога ќе здогледаме некого што не е за кум, молчи зад дрвјето, а ќе наиде ли некој поимашлив, буп! детето пред него...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Дедо Бошко се ведна да го крене некако Мирчета пред да излезе, кога – здогледа како борината ја потпали сламата што беше наоколу и пламенот се шири.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ќе ги кротне Мартин воловите и, онака сам, ќе се заигра, а децата ќе го здогледаат и скришум ќе му го отераат едниот вол во орманот, и после кутриот Мартин по цели денови плачејќи го бараше.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Прво седна, го извади шамичето од џебот, си ја избриша потта од чело и дури потоа го крена погледот: го здогледа Николчета онаков горделив и надуен.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
V Господи Од пепелва на моево царство Народи мажи и сиромаштија. Прилега ним да им принесеш барем камен Со него да се хранат и да израснат Високо високо До откај почнува да се симиња Царството твое надолу Од тамо да го здогледаат Своето кој знае кое колено Што им недостасува.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
И знам. Не ќе најдам никојпат збор за да ти кажам што си ми, колку Не ќе разберам никојпат што сум - се привиѓам човек и земја И не ќе ми одгатне никој кое е твоето и кое моето име Зашто бегај, бегај чинам Во некоја корија легни На некој камен седни На некое стебло потпри се па здогледај те, прегрни те Израсната по распаќињата вишнееш низ вековите - За твоите корени сите неба се ниски!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
И како божем дури сега да го здогледува Младичот.) О, и вие сте тука?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Кога ги здогледа јарболите, помисли дека ќе ги натоварат на брод и ќе ги испратат на заточение во некои запустени места на Мала Азија или Африка.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Во темнината телото тлее и очите, загледани во решетката, истекуваат во копнеж да го здогледаат нејзиниот лик.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И за Претседателот, постоеле и времиња, кои и го барале тоа, во кои наеднаш било разурнато сето наоколу и на прв поглед се чинело дека тие линии, секогаш и премногу бргу, и премногу видливо, оделе една кон друга, взаемно стремејќи се и речиси се слевале, но всушност никогаш не било така, секогаш наново тоа во еден миг можеше да биде откриено и сега јасно можеше да биде здогледано.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но уште веднаш во слизнувањето му се пристори пред погледот и тој успеа во еден миг да здогледа некакво помрднување; наеднаш имаше впечаток дека не е сам по таа угорница.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Можел да ја здогледа и ужасната молба, пред чија расчелустена зинатост сега веќе не можел да стори ни еден чекор назад.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Французот беше толку зафатен со панталоните што кога беше готов, задоволно си ја стави раката на стомакот и дури тогаш ја крена главата и ги здогледа двајцата бугарски војници.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Жената тогаш се сврте да го фати девојчето за раменици и да го повлече пред себе, но дури откако си го врати погледот кон фронтот се сети дека нешто здогледала.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Оздола од патот го здогледаа сењакот на Алекса Ѕвездин па се поколебаа дали да се засолнат под него, ама сфатија дека сега веќе кога се живо топило, а на неколку чекори од дома, нема смисла да се задржуваат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Од ова место, од овој брег, Профим наутро прв узнава каков ќе е денот; прв наутро со очите шета по езерото, и по неговата мирна или разбранета површина, заклучува каков ќе е денот: убав или лош; одовде тој прв го здогледува и раѓањето и умирањето на денот; одовде прв на дланка ги дочекува дождовните капки, првите снегулки, ветровите, маглите; по сите пролетни и есенски поплави што го зафаќаат селото, тој прв излегува од куќата како дедо Ное од ковчегот, и проверува што сторил господ; што однесле суводолиците од селото, а што оставиле; одовде тој секое утро се прекрстува кон манастирчето Св. Арангел, молејќи го за здравје и долг живот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И таман сакаше да побегне во кујната кај мајка си, свика: - Мамо, врапче влегло кај мене во собата, - таа тогаш го здогледа.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Во неделниот ден, кога се враќавме од гробиштата, од прозорецот на автобусот случајно го здогледав татко ѝ на Марина и со него истата млада жена, што ме пресретна на вратата. Тој ја водеше под рака.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Штом го здогледа онака беспомошен во таа длабока дупка, му рече со божемно нежен глас: - Што правиш Зајко во дупката?
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Повеќе