звучен (прид.)
Но и притоа се надевам оти за Македонците ваквиот јазик ќе биде попријатен и позвучен од јазикот на нашите соседи, со кои ние сега-засега се дигаме наголемо.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Бегајте низ кавезот звучен глуво и безнадежно.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Под неговите чевли гинеше нешто звучно.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Напевно звучниот глас на Глигор ечеше во него како во голема празна сала.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Во очите блеснува свеченост... - Чифт! Чифт!... Четворка, - се отприштуваат звучните гласови на шестемина младичи.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Смислата на зборовите не проникнува во неговата свест, тој се вовлекува и се опива само од звучниот хаос на римите што го возбудуваат и го обземаат целото негово суштество и, заборавен, восхитен, растопен во еден необичен свет на чувства, разбранувани во неговата душа, тој го слуша сопствениот глас како трепери, се подигнува и звучно се разлева.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Запишан со звучни јоти Еве го тој ракопис на макот Како привидение на разболените.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
6. Читајте го ракописот на виолетот Запишан со звучни јоти.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
— Војводите! — со иронија го произнесе Толе звучното име — војводи!
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Со години стојам збунет пред бесконечниот список на имиња на ѕвезди и болести, на месеци и на денови, на села и на цвеќиња; со години се мачам да ги насетам сенките на звучната линија на македонските придавки со години си живеам во прелага дека еден ден поодблиску ќе го запознаам, поодблиску ќе ја насетам сензначноста на емотивниот и мисловен предел на македонскиот збор.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Звучно се зарива сечилото во снагата на шумата.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
* Седам во тремот додека заврнува дождот прво големи капки ретки звучни како пари го растураат ројот од инсекти градите што ги дави потоа под нив пее нежниот тапан на земјата меката намовнатост на прашината.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Тие, потсвеста и времето, низ бесконечни метаморфози, ќе ги трансформираат и репродуцираат визуелниот, колористичкиот и звучниот архетип – во говор.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Несвесно за својата спекулативна моќ низ времето, тоа го размножува првичниот визуелен, колористичен или звучен архетип во безброј нови заменки но никогаш тоа битие во животот, по силана сè, нема да успее да се ослободи од маѓепсното дејство на неговиот прв оган, прво оро, на неговиот прв збор.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Се топи бакарот во звучниот тас на езерото течејќи од сонцето кон нас но моравото небо од црниците на Радожда со пепелта своја се постила.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Некој крај средниот оган споменал дека видовитиот Дмитар-Пејко, пред злата крв да му го покрие разумот, расправал долго и со благ занес во очите за благородноста на човекот, за дарежливоста на земјата, за силата на водата; секој збор на старецот бил светол и звучен, до проѕирност измиен со мудрост; прикаските имале подлабок корен и од самиот живот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бодлер доживува слична состојба и кажува: „Нотите стануваат броеви, а ако имате и малку дарба за математика, мелодијата и звучниот склад што го слушате задржувајќи ја својата сладострасна и сетилна карактеристика, се претвора во широки аритметички операции во кои броевите раѓаат броеви и чии фази и настојувања ги следите неверојатно лесно и снаодливо, токму како изведувач”.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
На некои други дури, невозможно е да се разменат идеи, машината поправа сама по себе. (220) Интелектуалците се осудени на изумирање со појавата на Вештачката Интелегенција како ѕвездите на немиот филм со појавата на звучниот филм.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Гринавеј, наместо да ја појасни оваа необична приказна, веднаш го конфронтира гледачот со збунувачка визуелна и аудитивна буица од неокласични сцени, вртоглави играчи, компјутерски генерирани видео слики, Елизабетски стихови и сензационални звучни ефекти.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Се прашуваш на што ли ти мириса потта на огледалото и едначејќи ги по звучност врисоците на кујната, размислуваш во која техника да го нацрташ денот.
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)