збивта (несв.)
Арсо одеше прв, по него Глигор, се сопинаше во неговите топуци, сакајќи да го избегне топлото збивтање на полицаецот што му удираше в тил.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Она 'ржење сега беше доста далечку, но веднаш тука, зад штицата од вратата, некој збивташе, некој се гушеше.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Сето тоа и како да не постоеше повеќе; чунки сѐ со него и да се состоеше само во оваа пеколно збивтање; ако не беше онаа топлина зад еден далечен рид напред, што го влечеше неговото сознание и преку тој непроодлив простор меѓу нив.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Кога запре дождот, Цанул излезе, и по некаков кучешки осет, се упати право кон лозјето; се допре до колибата, го залепи окото на прозорчето, ја виде кожата кај што прета, го почувствува нивниот здив, го наслуша нивниот глас, нивното 'ржење и збивтање, му удри крвта во главата, му зашумеа ушите, го грабна копачот и почна да тропа на вратата: ”Излегувајте, мајчето ваше!“
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
XXIV Уште од рани зори луѓето во селото почнаа да ги буди лавежот на кучињата и некаков тропот; стануваа од постелата, ги лепеа очите на прозорците, излегуваа на чардаците и гледаа исплашено: колони војници врвеа низ селото; им светкаа шлемовите и оружјето на виделинката од зората; од сите сокаци се точкаа војници, а коњите што влечкаа тешко оружје, опрема, муниција и казани за јадење, врвеа по широкиот пат крај езерото; фрчеа коњите со носевите, збивтаа под теретот, чувствуваа жед и ги вртеа главите кон езерото што на утринското ветре шлапкаше бранчиња на брегот; од војниците избиваше пареа поднаведнати под тежината на ранците и оружјето; кучињата непрестајно лаеја и напињаа на синџирите да ги скинат; оние што беа пуштени, се втурнуваа кон војниците, но кога ќе добиеја клоца, ќе сквичеа, се тргаа настрана и продолжуваа да лаат.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
- Уф, уф! - збивта учителот. - Тренинг, почест ми треба. - шушти низ отворена уста и полека ми пријдува.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
стравот ќе збифта во мене - тогаш ќе се запали мојата внатрешна телевизија - на екранот сцени од кои не можам да избегам - низ моето вкочането тело програма што не се згасне со притисок на копчето - лекарка,
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Понекогаш, ја заклучуваше во најмената соба над кафеаната „Боеми“ и ја оставаше да го чека, кога, околу полноќ, ќе се втурнеше смрдејќи на алкохол и цигари, хистерично се обвиваше околу него, го љубеше очајнички, збивташе како повреден пес.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Мајка ѝ, која иако ситна, без збивтање стигна веднаш зад неа, ги спушти другите работи до нејзината бовча и седна врз нив.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Групи весели мечиња, парче по парче, го носат својот тежок товар и симпатично збивтаат.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Потоа тој многугласен џагор, го покрива единствениот писок на локомотивата која поаѓа, тешко збивтајќи под товарот на долгата композиција што почнува да ја влече; товар што, од транспорт до транспорт, брои илјадници луѓе, милиони спомени, многу очаи, еден страв и нешто преостаната надеж.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)