зајдисонце (ср.)
И ќе им кажете и тоа оти ако до зајдисонце не донесат, ќе им го отерам преку планина сиот добиток, а тебе – му се сврте тој на Пецета, - ќе те заколам.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Затоа тој им велеше: - До зајдисонце една лира од твојата куќа да донесеш.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Камената зграда штрчеше сред тажна панорама, чијашто боја остануваше од утро до зајдисонце сивопепелава.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
- До зајдисонце има уште време, - продолжи Трајче.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
До зајдисонце имаше уште два остена кога Трајче влезе во Мацково.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Попладнето веќе кршеше кон зајдисонце.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Кај Гропнаришта застана да починат. Езерото им заблиска в очи од зајдисонцето.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Братучедите како да се чуваа да не видат некој срам, се свртеа кон грб кон врата и гледаа преку авлијата кон зајдисонцето каде што небото со стемнувањето потемнуваше добивајќи ја мрачната боја на дното на езерото.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Инаку, оддалеку карпата личи на некој светец, на кого при зајдисонце и при испарување на водата, на врвот му се исукува голем колтук, ореол, што блеска пурпурно.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Тој ја напушти стражарницата и му се врати на езерото без кое не можеше: ги оптегнуваше мрежите на диреците крај куќата, ги чистеше од тревје и алги, шеташе со прстите по нив како по жици од харфа потпевнувајќи си; кога ќе му дојдеше дремката, легнуваше на песокта крај езерото, и додека тоа тивко, како некое жужаленче жужаше на песокта, тој тонеше во длабок сон; спиеше сѐ додека на зајдисонце не му затропаше добитокот што идеше од пасење и навраќаше да се напие вода; а кога ќе легнеше поднапиен, тогаш ни тапани не го будеа; стануваше кога некој од домашните ќе го растресеше.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Синот III Ова зајдисонце го затечува во изненада твоето лето крај езерските води.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Би сакал уште малку да те задржам во ова убаво мое зајдисонце меѓу ридовите но ти веќе се оддалечуваш талкајќи кон некое соѕвездие што сал тебе ти припаѓа.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Над платното лежи твојата рака фатена во градината на боите. Ти ми го понесуваш со себе убавото зајдисонце оставајќи ме на брегот по кој паѓа темнината како црни саѓи по белите постели.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Гавран грачеше над жетварите и на зајдисонце Со нив се враќаше дома.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
На зајдисонце стигнаа големи камиони.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
На зајдисонце Крстовица не излезе на џадето.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
И двете во ист час, во исто време и на исто место завршуваат: на зајдисонце, во време вршење, на Зедница, на Бел Камен, стотина метра потаму од јужниот ѕид на имотот Акиноски.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Првин, жителите на Потковицата си мислеа дека се свампирил пустиникот Акиноски и дека таков, повампирен, бара да си ја врати крвнината, макар и од погрешен човек, макар од кого ѝ да е, па престрашени ја избегнуваа гората, (дури и овчарите уште од зајдисонце се прибираа дома) а тој, Арслан бег, со пушката в скут, на коњ, со дружината по себе, акаше низ полето, но само од изутрина до навечер; и не одбираше ни од изорано ни од посеано, ни од ендек ни од дол, божем за да се сретне со него, со отворот што го галатеше, а всушност ги вијаше и ги поткупуваше воловарчињата и аргатите да извардат и да му кажат кој се крие зад гласот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
А наредниот ден, уште со темница, ќе се растрчаа по ридиштата низ шумата, во полето низ житјата, ливадите и бафчите, и ти цел ден има да си слушаш пукотници, ловџиски рогови, лавеж на `ртки и загари, а преквечер, пред зајдисонце, со полни ранци убиени диви животни и птици, преку рид се спуштаа кон старата железничка станица и оттука со воз си заминуваа, јали во Прилеп јали во Битола.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ноќва, и по секое зајдисонце додека сум жив. И по смртта.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)