затемни св.

затемни (св.)

„Лоши соништа ти ја затемниле главата. Таква глава не останува долго време на рамењата.“
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Со гранките испреплетени сонцето си го затемнија и се задушија. Со корењата сплеткани животните сокови ги исцрпија и гладуваа.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Вечерта, што со својата сина сенка лесно ја затемни долината, го затече момчето смирено, седнато врз начнатото тело на Јурукот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Отаде, на фронтот пред нив, каде што татнеа топовите, хоризонтот беше затемнет од некои думани во кои по секој пукот од земјата никнуваше ново темничиште. Наместа од земјата избиваше оган.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Престанаа со пукањето и едните и другите, но Турците, таман се затемни убаво, ја запалија племната од комшијата Стевана и целото куќарче го осветлија, та Шаќир и Јован не можеа да го направат предвидениот препад зад куќата и да го скинат опсадниот обрач.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Дење седеше во колибата, ги следеше од внатре птиците што слетуваа на островцето да отпочинат, им го следеше летот низ воздухот, им го одредуваше местото каде навечер слетуваат да преспијат, или каде прават гнезда, и кога ќе се затемнеше, излегуваше како ноќен гуштер од колибата, се влечкаше пополека низ шеварот и трските, го слушаше тивкото прпање на птиците кои тонеа во дремка, и како орел, како аждер, им се нафрлуваше одненадеж, ги фаќаше со раката за шијата, ги стегнуваше не давајќи им да писнат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На мајка си, која долго време не стануваше од постела, ѝ велеше: Твојата ѕвезда, мајко, ќе се затемни и ќе се смени во сечко.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И, како што често може да се случи, небото се затемнило и плиснал силен дожд.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Како кога месечината ќе застане помеѓу земјата и сонцето па ќе ја зачади планетата и ќе ја затемни ѕвездата, тој е несреќна врска помеѓу семејството и своето и нивното утре: без него тие ќе се глад, беда.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Приредувачите на студиското издание на Фројдовите дела на ова место укажуваат на Квинтилијан, римски реторичар кој во своето дело De institutione oratoria (1,6) прашува: „Смееме ли да се согласиме со тоа дека некои зборови настанале од своите спротивности, како што е на пример, “lucus” , шума, бидејќи таа е затемнета со сенки, слабо осветлена (luceat)?“
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Но, Вие, кого, според книгите, го сметаат за пророк -  Зарем...?  ...пророк на апокалипсата, зарем навистина верувате дека небото ќе се затемни?
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Светлосни облици експлодираа, трчајќи по целиот екран за потоа да се затемнат до црно.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Во една кариера обележана со периодично напуштање на успешните техники и методи на работа, со постојани обиди успешно да се обедини формата со значајната содржина и со една лична блескавост која што често се закануваше да го затемни креативното достигнување, не е лесно да се лоцира адекватниот центар на енергија од којшто целата извонредна креативност се ревитализира самата себеси.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Иако рецентните фото-панели служат како вонсериска верзија на истиот епистоларен императив - огромни, бучни писма до планетата - темата на нивното сопствено постоење е затемнета.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Јас дури не ни бев во состојба да забележам сѐ што се случуваше во тој час, но паметам дека, кога се затемни, еден по еден или во мали групи, вревејќи, заминуваа, а јас останав сам.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Втората ноќ од скршнувањето кон Овче Поле за`ржале камилите, се скупчиле на куп, удриле со чепунките вземи, од што се дигнало голем прав што ги затемнил небото и месечината, од што настанала најцрна темнина и непроѕирна ноќ.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Го затскрија сонцето, се затемни денот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
На пример, она посебно чувство на блискост кога човек танцува со девојка на затемнет подиум.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Откога го претворил во сонце, пред него, се појавил еден голем облак, кој го затемнил и му ја прикрил светлината.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
И пак: Додека луѓето во страв и ужас се криеја, по келарите од куќите и најдлабоките засолништа, од милијардите ледни погледи на сивокрилните Сили што го затемнија небото, оние малкумина меѓу нив што не најдоа засолништа и се затекоа тука, гледаа во чудото што се случуваше пред нивните широко отворени очи, зашто силна светлина бликна од Светијата над светиите и пред неа се отвори тешкиот превез од прашина што надоаѓаше од пустината, а потоа се раствори и сенката на крилестите Сили што светлината ги претвораше во пламен и пепел штом ќе ги допреше, додека нивните трипати свиени шофари паѓаа во снопот, се палеа од неговата огнена сила и се спепелуваа како и крилјата на сивокрилите летачи што ќе ѝ се најдеа на патот на чистата светлина, додека спржените ангели со ледни очи крескаа во ужас и паѓаа одгоре и допламнуваа, превртувајќи се низ воздухот како огромни пеколни факли, а светлината што бликаше од скутовите на Храмот отвораше пат, угоре, кон чистото небо, та тогаш оние од Израилот што го видоа тоа чудо на светлиот пат што ја спои утробата на Храмот со разгрнатата порта на Небото, посведочија уште едно чудо во кое, полека лебдејќи, по патот на светлината почна да се искачува арката на Заветот со Законот во неа и фати да се оддалечува и се упати кон портите Небесни и кога овие ја примија се затвори капијата на Сводот, превез од темни облаци го препокри затвореното небо, а зракот од срцето на Храмот полека почна да слабее сѐ додека наполно не згасна, та во Светињата над светитите ја немаше веќе самата Светиња во која престојуваше Зборот Божји, а за земјата немаше веќе Законот Негов, само студениот ветер на темните Сили...  Доктор Корец ги отвора очите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Повеќе