засече св.

засече (св.)

Околу пладне патот се засечува во подножјето на планината.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Попладнето, во дремливата долина, во напластената тишина, како остра пила се засече автомобилско брмчење. Шумарот, кој друг!
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Аууууу! - како нож се засече во тишината стравотното волчешко завивање.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Еднаш јас така, му грлев кошулче на Ангелета, и само што го засеков платното туку ми свирнаа во ушите, ми забучија во главата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Го засече портокалот озгора. Потоа со точни, рамномерни потези ја издвои лушпата од меснатиот дел.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Му засечува една нога па му ја надува кожата кај засеченото. За да се дере полесно.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ја засеков гранката, се заниша таа и од тежината на моето тело почна да се ведне.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Ама на третиот ден, велеше, ловецот ќе дојде порано и со пила ќе ја засече буката на која се качуваше мечката, ќе ја остави само малку недосечена, велеше, колку да се крепи, да се држи исправено дрвото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се колнеше себеси што даде согласност да ја огрубат Руса, го колнеше Јанчета кој, велеше, Помалку и поплитко можеше да засече во лицето на Руса, ги колнеше Дамческите што не дадоа помош, го колнеше Арслан бега и сите Турци, го колнеше сиот божји свет, христијански и турски.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Почнав да се нишам, да се одвалувам, како засечено дрво.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Нозете веќе ми потклекнуваат ко засечени.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Иако не гледал во него, без причина наеднаш чувствувајќи мирис на бадем или на летно испарување на засечен афион, знаел дека тој држи нож во рака.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но најпрвин го засекле своето месо со змиско ноже и ги отпечатиле крвавите палци и показалци врз страниците на старото манастирско Евангелие. И еден по друг паднале пред олтарот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Ќе му ја засечам жилата на челото. Онаа, меѓу очите. Во таа жила 'ртат црни соништа.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Жилетот ќе загризе во него со студенило што пече, па дури и прстите што ќе го држат ќе бидат засечени до коска.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Машината го имаше отворено мевот како да направила царски рез. Јас така ѝ реков, засекла царски рез!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Го зедов ножето, си ги засеков прстите на врвовите. Бликна црна крв, како чешма со пет дулци.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Над него, од висината на коњот, стоеше стражарот, го стрелаше со очи а корбачот му се потресуваше бесно во раката, готов да засече пак во овие клапнати раменици.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Острите предмети ме повикуваат да си го засечам телото, шилестите – да ги заријам во моето срце.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Мама можеби и не можеше да не ја засече таа рана во мене – јас бев точката во која се среќаваа и се разделуваа сите нејзини болки: предвреме завршените мечтаења и бракот со човекот кој тукушто станал дедо, смртта на вториот син и одгледувањето на своите деца во беда, постојаните преселувања во сѐ помали станови, рибањето на подовите во домовите на богатите.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)