започнува несв.

започнува (несв.)

И така обете започнуваа со аз.
„За буквите“ од Црноризец Храбар (1754)
Поодиле внатре како кај нас и дошле до едно место од кај што започнувале да се делат штрковите по вилаетите.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
94. Организираното револуционерно движење во Македонија има знатно подолга историја и започнува всушност уште во 60-тите години од XIX век, коешто изведе и масовни востанија (Разловечкото во 1876 и Кресненското во 1878 год.) што станаа одредници во новата македонска историја, но Мисирков има полно право кога образувањето на најмоќната организирана револуционерна сила во земјата – ТМОРО – ја поврзува непосредно со македонските интелектуалци што учествуваа во тие бегства од Македонија во Белград и во Софија и во акциите особено во Бугарија на самиот почеток на последната деценија од минатиот век.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Оваа ноќ! Започнува крвавата пресметка меѓу робот и поробувачот!
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
МАНОИЛ: Борбата започнува денеска? (Се слушаат неколку истрели и во близина и од подалеку...
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
После овие извршени обичаи кумот започнува на игра со пеење пратен од чалгијата).
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
- Не да се фалам, но така е... Секогаш со овие зборови започнуваше велгоштанецот и додаваше како неговото око сѐ видело, а неговото уво сѐ чуло.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Иван, кој знае зошто, започнува бргу да го движи држалото на ковачкиот мев, со којшто се праќа воздух во каналот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Оркестарот започнува да ја свири неговата љубовна мелодија што, којзнае зошто, секогаш му ги разнежнува чувствата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но штом ќе се зазори, некоја сила ги крева на нозе. И започнува таму пак борба.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На сите работи, што ги започнуваше, не можеше а да не им се даде сиот така што да не остави ниедно делче од себе си вон, беше создаден таков.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Бргу ги стори сите работи, што требаше да се сторат пред започнувањето на еден работен ден, а потем влезе како фурија во вратата на просторната работилница, дигајќи виулици пилотина од своите чекори.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И започнуваше една убава, необична игра. Детето галопираше со коњот, држејќи се за линијата на која морето се допира со копното.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Онаму, каде завршуваа жолтите, плодни житни полиња, започнуваа прекрасни, непрегледни маслинови гори.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
11. Слушавме како надоаѓа и топол ветер, а се гледаше и времето како започнува еден нов круг лутајќи меѓу пештери и тишина во која разлистува сѐ.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Од долги проучувања и набљудувања, веќе имаше и свои заклучоци: ако ѕвездите од северната страна започнуваат како престоени цветови да венат губејќи ја бојата и сјајот, претскажува дека ќе фатат големи болести по луѓето: улери, дамли, трески, тифуси, офтики, чуми, бисерки, приштови, заушки; по ајваните: шапови, бутури, метили, лигавки, сараџи, красти, струпци; по кокошките: слепило, вртиум; по кучињата: беснило; по полето: каклици, жудилки, глутници, спарини, мемли, скувалки, пепелаш; по дрвјата: пајажини, гнилачки, имела, трат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ако источните ѕвезди започнуват да добиваат изразито црвена боја, да пламнуваат како оган - претскажуваат војна.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Над Уј, од каде започнуваат и благите планински превои на Ардените, се втиснало уште едно градче, едно од најпознатите места во Белгија - Сартр, во кое се родил и долги години живеел нобеловецот Пир, свештеник, награден за хуманитарност.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Навистина, најчесто она што се започнува е тешко, но мнозина започнуваат и, се разбира, со доста труд, по подолго време тие и го завршуваат започнатото.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Повеќе