залута (св.)

Каде да отидам, каде да залутам, знам – никаде од нив себе си не ќе се скријам.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Залутав одамна љубопитна во овој грд пејсаж од железо цреп и бетон но сепак останав жива Сега сум малечка полјанка на туѓите убави надежи за кои го крадам неверна ветерот од реката Безброј патувања им нудам на очите и стапалките што паѓаат уморени на моите сиромашни откоси Но спомени имам и јас па свенувам штом ќе ми шепнат дека сум била шарено крило на убавината Шарено крило на младоста во коренот на плитките води што растат со жолтиот спомен во купишта од сено
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Залудно се трудеше да ја ослободи од тие авети, - да ја ослободи од чувството на човек кој залутал во страшна, непреодна пустина, каде што се секнати сите извори, изгубени секакви надежи... Залудно...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Голема бура беснеела во пустињата. Еден бедуин се одкинал од карванот и залутал, го изгубил патот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Брзаше меѓу луѓето. И во брзањето пак залута во ходникот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Стана и, неразбирајќи што треба да прави, каде и зошто да појде некаде, залута низ ходникот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Арсо пак залута низ ходникот, полн со свијоци и агли.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Можеби восхитот наш ги исплаши тие сини бои во прелевање што бегајќи од кафезот на восхитот залутаа еве ненадејно во примката на зборовите да говорат за убавината на летот и за осамата на мирувањето.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ранениците беа качени на магариња, сме залутале, се најдовме на едно ритче, пустите магариња се излизгаа од ритчето, зимно време, мраз, на глава на шија се истркалаа луѓето во едно долиште.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Аритон Јаковлески малку како да позастана, како да не разбра, некако неодредено погледот му залута по салата, а потоа се закова на оној ѕид каде што висеше домскиот часовник.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Најверојатно познавал секакви пијачки и напивки со кои се пречистувала крвта и секако по несреќа залутал меѓу шуплоглав свет што не можел да сфати дека по такви екими каков што е тој копнееле далечни калифи и нешто поблиски везири.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тие ќе залутаа натака а ние ги препознававме со стравопочит.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Мислите повторно му залутаа. Речиси несвесно, напиша со прстот на прашливата маса: 2 + 2 = 5
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
А сепак, истиот момент кога им дозволи на мислите да му залутаат, неговите нозе го доведоа тука по сопствена волја.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Но, ако и читателот во пајак се престори, ако заплете и тој ситни нишки во мрежата, ако му ги смеша конците на создателот, тогаш пајакот од средето не ќе може да го голтне, оти ќе залута, оти не ќе може да ги разликува своите од туѓите нишки; и ќе умре од глад, а читателот ќе преживее.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
„Како да не ти верувам?“, му велам, зарем не видов како профучи над нас онаа граната, којзнае од каде залутана, и се распрсна токму над огништето на Пинговица, над мудбакот нејзин, а мажот ѝ, Сотир арабаџијата, оној што ги носеше трговците по пазарите, дотрча по поплочаниот двор и не знаеше како да влезе во мудбакот.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Но, залутав во друга приказна. Слободно опомени ме кога ќе се случи тоа.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Вџашен, без да има таква намера, го закопа погледот во долчето помеѓу нејзините дојки при што таа си ја стави раката на градите, со палецот и показалецот се фати за бисерниот гердан, да се покрие, но некако не криејќи му го задоволството дека знае каде му залутал погледот.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Мојата помисла за жал залута во друг правец.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Бегај изгоро студена...стопи се под мојата жешка стапка...таа се дими од премора, од триење на мислите...а погледот ми залута, луто се насочи пред очиве ми...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе