задлабочи св.

задлабочи (св.)

Македонците фатија да се задлабочуваат во прашањето за нивната народност и интересите, и дојдоа до заклучок дека не се тие ни Срби ни Бугари; дека нема за нив ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, а дека има само македонски.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
- Бојан не знаеше и не сакаше да се задлабочува во тоа.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Чанга не се задлабочи во татковата мисла, па неговиот коментар повеќе го следеше текот на сопствената мисла: – Лавот никогаш не напаѓа лав, или тигарот тигар...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Логотетот сосема се беше задлабочил во записот, и одеднаш, ведра сенка му помина на намуртеното чело и се разлеа како озарение по целото лице: „Вадар е вода“, рече и самиот несвесен што рекол.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И не случајно, во овој чудесен предел крај реката, каде што си свивме ново гнездо, во очекување на новите историски настани, особено по Втората светска војна чиј крај се навестуваше, Татко се задлабочи во проучувањето на миграторните процеси на птиците и на јагулите запаѓајќи во нова илузија во која Мајка гледаше пориви за оддалечување од родната земја, а не враќање во неа, како што се надеваше постојано.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Во еден период, Татко силно се задлабочи во прашањата кои му се наложуваа од постоењето на границите, посебно од тие што ги мина и што требаше да ги мине, при пишувањето на својата никогаш завршена Историја на Балканот низ падовите на империите.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Во тие мигови, силно чувствував дека ми останува во наследство, преку овие Таткови книги, во кои целосно, до крајот од својот живот, беше задлабочена и Мајка, да трагам по незавршената фуга на стогодишниот егзил на семејството, ми преостануваше разгатката на тивката тишина на поразот, во која беа супериорни Мајка и Татко.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Се задлабочува во анализа на варијантите.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Одиш по планините, самјачки се задлабочуваш во далечините веќе со години не-тука, не-ти клекнуваш пред јагодите, шумските боски розовата страна на смртта со човечки мирис да ги обросиш пред да се вовреш меѓу сушните лисја пред да ги помамиш влекачите, шарките, поскоците и да ја доживееш, глеј, одненадеж уметноста на пелцувањето.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Упорно се задлабочуваше во текстот, прашувајќи се себеси каде греши, што е она што таа не можеше да го види, да го спознае, а сите други (компетентни и некомпетентни по тоа прашање) го согледуваат и му оддаваат огромно признание; што е она толку посебно, толку необично заводливо што тој го поседува во себе, во својот стил, во својата реторика и техника, во својата методика на пишување, што на другите им недостига.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Во бараката седна на клупата зад грубата маса и се задлабочи во идејата како во базен со млака вода.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Таа мистериозна игра, која јас така почнав да ја нарекувам, продолжуваше да трае сѐ до крајот на работниот ден и многу често ми пречеше во работата, особено кога се трудев да се задлабочам во нешто.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Тонеш, па леташ. Пак се нурнуваш. Се задлабочуваш и успоруваш, а во продолжение се будиш од врисокот на масата.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Се задлабочив малку во сопствените мисли, полека и незабележано се замелушував сѐ повеќе и повеќе.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)