забел (м.)
Горе, кај забелите, тој се наведнал над котлето - лока ли, лока.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Не можев да не се свртам. Забелот сега беше поинаков, згуснат и замаглен. Онисифор Мечкојад не стоеше меѓу стеблата.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тогаш мислев дека еднаш веќе сум минувал по таа дива земја со некакви бели и лилави жиличиња што лазат со испреплетување меѓу камења и суви базја и се хранат со сѐ што ќе се допре до нив, тогаш така мислев или можеби мислев дека еднаш ќе минам по таа врвица што ја започнувам со стежната стапалка, но сеедно - веќе бев на грпката на ридот што се спушташе кон нејак поток и видов во далечина на некоја планина расфрлени куќи, не поголеми од тупаница, и видов зад потокот дабов забел.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бев болен и мал момчак чии прсти тогаш не допреле женско месо и можев да знам дека и со маки ќе се исправам, ќе допрам врв на нож до грлото на килавиот Јаков Иконописец што пошол сам од Кукулино по нас да ја одмаздува својата споулавеност и да го прашам кој ќе го одбрани од казната за која треската ме определила, и можев да ги прашам засипнато другите по што се позрели од мене кога не процениле како и од кого горел Круме Арсов и кој е грешниот светец дојден да го убие волот на Цене Палчев или на Чучук-Андреј или на Осип Сечковски, не знам, на еден од луѓево чија желба е да донесе камења, два и тешки, за воденица со мрак под покривот што ќе е светлост само за призраците, и пак не станав од сламата на Никифоровата кола, еднаш со скршена, сега со втора оска, а небото не се уриваше со бучава како што мислев и не летаа ни врани ни пропаски, ни некои евангелски птичиња со црвени вратови и со грпки, само татнеше под нас земјата во која коските на мртвите се кршеа една од друга и нѐ предупредуваа да клекнеме и да се помолиме за црвите во нивната шупливост, и чувствував со ноздри дека ќе испука дамкавиот камен од кој се спуштија Онисифор Мечкојад и Јаков Иконописец и ќе пушти од себе стеблики со горчливо млеко во себе, меѓутоа слушав шушкаво дишење, свое бездруго, останувајќи бессилен под влажни сенки како под кожа на страшно голема гуштерица, и си реков не си веќе жив, сполај му на господа, сонуваш мртов сон обидувајќи се да мрдаш со прстите во опинците, си раскажував, а во тие опинци уште лежеше студот на водата од потокот што го прегазив кога се враќав од Мечкојадовото засолниште во забелот, во тој ден или вчера, пред сто години можеби, и го барав со внатрешниот вид на очите среќниот миг на детството од дните кога со врескање се прерипува баднички оган, наеднаш без возбуда да се сетам дека бев премал кога мајка ми умре заедно со мојата новородена сестричка и кога татко ми отиде и не се врати, едни да докажуваат дека загинал од димискија, други да се колнат дека се преженил кадрав и убав, животворна сила заради која и света Петка повторно ќе можела да се најде на земја.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Милата таа, небаре дрво вкочането, со раце - гранки виснати... зад неа забелот, а длабоко под неа коријата, на места со пламнати лисја - уште неотфрлени.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Вдесно над забелот се испречи голема карпа.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)