забележлив (прид.)
Доаѓа од градот нестрпливо забрзан, се обѕрнува и вика, со одвај забележлива циганска интонација.) Ајде, поитај, бре Ампо, немој така како непоткован коњ!
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Забележливо витка. Грациозна. Чекори полека. Достоинствено. Фризурата крената; косата собрана на темето. Разголен врат.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Се избезумија од тоа, и тој, и Претседателот, иако тоа беше само мимолетна едвај забележлива повенатост и зимурливост со боја на смил во тие старечки црти.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Јасно беа забележливи и двете киски на ушите, и сиот склоп на телото од ѕверот, за да може уште на прв поглед да биде наполно сигурен со кого си има работа, и воопшто да не помисли да се спротивставува.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Беше едно едвај забележливо вртење со главата во оној старец до него, Змејко дури тогаш се загледа во неговото лице.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Далеку од брегот, одвај забележливо, некој пливач се бореше со морето.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Воспитувачот, предобриот Трифун Трифуноски, поет, одговорен раководител на Фискултурната и литературната дружина, со две околиски првенства на крострчање (пролетниот и есенскиот крос) - со еден забележлив републички настап, тринаесетти, изваден во весник, награден со диплома и тие нешта што одат со тоа, - на највозвишен, стоотстотен уметнички начин ни соопшти за денот на аудицијата.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
А со деновите што одминуваат, одвај забележливо се враќа во нејзините очи онака како што на каменот се појавува лишај и како што коренот се пробива низ кремени.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
„Танјуговата“ фотографија: телото на носила, прекриено со бел чаршаф и нагаравените лица на присутните, со забележлив сладострастен навев, како да не се работи за преживеани, туку за компанија оџачари.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Во воздухот над градот, околу луѓето што се примолкнуваа се распростираше слаб, одвај забележлив мирис и тој дојде до Носот на градот, разложувајќи се во сеќавањата како млеко, сирење, сладолед, масло. Клик-клак.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Ако визуелната естетика на интерфејсот беше многу дива, ќе беше премногу забележлива.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Тоа била, во дамнешните времиња, таканаречена врата за послуга; беше неупадлива, тесна, одвај забележлива во сенката.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Расна дискриминација исто така не постои, како што не постои и никаква забележлива доминација на една провинција над друга.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Вангел, реков веќе, е сунизок и здрав, но кога ќе се загледаш внимателно, ќе видиш дека преку лицето му сени една одвај забележлива сенка.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Додуша натрупаниот снег и едните и другите ги правеше приближно исти, само растреперената душа на Пелагија како да открија одвај забележлива разлика, некаков крцкот што не доаѓаше од тлото на земјата, туку негде од погоре, скоро знаеше кој ќе се појави со Танаско уште пред да се отвори вратата.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Дури и ако наидеме на некој белег од поразите по упорното копање во себеси Тој одвај забележлив срамен податок Ќе побрзаме во првото утро да го измиеме На кладенецот на заборавот со рацете на сонливиот Пилат.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Тоа беше нејзината изразена свесност, за сегашниот момент, толку јасно забележлива, што дури и најмал шум, создаден од околниот ветар, можеше да ја натера да мрдне со клепките и да ја промени положбата на лежење.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
„Ако таа крава се омажила, тогаш има шанси и за нас“, се тешеа две девојки кои минуваа крај нив, со сосема пристоен изглед, но со оној едвај забележлив став на лажна надменост, карактеристичен за повеќето немажени а ’еманципирани’, на прагот на средовечноста.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Понекогаш има блага, едвај забележлива насмевка; понекогаш ’рчи гласно како трактор.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Беше прекриена со лесен чаршаф преку кој се оцртуваа облините на нејзиното тело, низ едвај забележливи поместувања, со благи бранови според ритамот на дишењето.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)