додатен прид.

додатен (прид.)

Но сега знаеше дека му е намалена храната на другото јагне, рожбата на овцата, па веднаш донесе во копанка солени трици, ја издвои овцата која отсега повремено ќе требаше да дои две јагниња ѝ ја даде оваа додатна храна.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
И тогаш би имало додатни нови вистини коишто би го имале истиот ефект.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Гледам јас, дека ти целата оваа приказна ја прифаќаш како додатно изненадување по повод твојот роденден. Сила си, мамичке!
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Зошто ми беше тоа: само додатно оптоварување на душата, додатно прашиште во куќата.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
ВЕРА: Кога пак тато умре и беше продадена нашата куќа и бавчата, мене ми беше страшно навредливо, што некако како додатно се продава и сѐ, сѐ што беше во аглите на куќата и на бавчата потшепнато, на шега кажано и проплакано.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Затоа, впрочем, и на­шата партија увиде дека треба на време да расчисти со штетното влијание на религијата која во тешките времиња беше додатен товар?
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Му го гледам црното мрсно лице што се отсјајува на сонцето, засилено сега со некоја додатна пожарна светлина.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Уште еден таков скорашен пример е со пријателот Панче, страстен фотограф, со ретка додатна пасија – читање книги (на кого исто така му ја раскажав случката со словачкиот Кортасар).
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Мислам дека сите додатни објаснувања на Соња Пазарџиева имаа за цел да ме уверат дека сум прокоцкал убава шанса, но дека животот без тие непредвидливи околности ги губел изненадувачките својства, а спомнатата Соња, ја сфаќала во прилична мерка мојата природа, знаела дека јас не сум спремен да го изберам сивилото како основна боја за моето секојдневие.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
А да признаам: не очекував дека зафаќањето со темава ќе побуди кај него и додатно интересирање.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
А потоа, и неговата додатна дилема што мене ме развеселува а него, веројатно дефинитивно го дотепува; она сладникаво но и горчливо прашање, што самиот тој со тивок глас си го поставува: „Дали навистина ќе ја довршам со успех задачава, и како ќе ме наградат ако ги совладам безвредните тешкотии?“
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Со слична цел (да обескуражи секое избрзано решение) беше и она мое укажување дека секогаш постојат и додатни опасности.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Но со какво ли значење беше исполнет чудниот свет на нејзините двоумења во кој толку лесно и без никакви додатни објаснувања неочекувано се најде и таа стија на злото?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Од левата страна беа оние додатни простории за раздавање со искршени прозорци. Внатре пусто.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Кога погледот ќе му падне на полуосветленото, безизразно лице на иследникот, зборува сѐ што знае. Без насилство, без додатна принуда.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Спротивното е давањето отпор; а давањето отпор е само едно залудно и додатно страдање...!  Секогаш кога влегува во ќелијата, Цви Корец чувствува олеснување.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Ако се погрижите околу Клаус, додатно ќе се договориме. Намирисајте што сака. Не ви е првпат.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Арафат живееше тие денови во својот митски сон за слободна Палестина и на сите додатни примеси од реалноста на својата митска конструкција им даваше посебно значење.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Знаете, се случувало, некоја одговорна личност, во момент на збунетост, или дури и при полна свест, да спомене некое име што ги задоволува критериумите за добивање покана, а потоа ќе заборави да ги изврши и додатните обврски. Како што е на пример писмената препорака.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Затоа е воведена и таа додатна процедура која ги елиминира настанатите грешки од овој вид.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе