десеток (м.)
Бегот те дере со десеток и со други давачки, па полјакот, па заптии...
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
И дури тој есапеше колку снопови има и колку десеток ќе му падне, чорбаџиите радосно ги полнеа вреќите и го носеа житото во Колобановиот амбар.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
За сто години што не сте платиле арач, десеток, беглик, сакам денеска.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Но секогаш кога се приближуваше со чунот полн риба до контролорите кои требаше да му го земат десетокот за еминот, нему му доаѓаа пред очи некакви чудни слики на непознати места, некакви други рибници каде што тој ловеше сам во свој далјан, некакви други брегови и весла што со леснотија на крилја го цепеа среброто на водата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Сегде, па и на главното џаде за Струга кое беше исто врз мост, од кој подолу имаше стотина далјани за риба, и таму секој што влегува или излегува од градот плаќаше пазарна такса или десеток на риба.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ако порано имаше даноци за пасишта, тревнина, десеток од свињи, десеток од пчели, па дури го имаше и оној што го закачи и него кога го одведе добичето на пасење желади, сега еве, би рекол да беше жив Бајко, сега еве, го има арачот, данокот за земја на немуслиманите, кој пак ги надминува сите поранешни.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)