гума (ж.)
Не верував дека и тој е само убав и светол балон што неочекувано без бол ќе прсне пред тебе во ситни неупотребливи парчиња на збрчкана гума.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Таа се заврте да си ја земе гумата, оти погреши цела реченица, и сама се опули кон Крстата.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ја испушти гумата. Таа падна налево, се наведе, ја зеде, но со тилот кон Неда.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Прочуениот човек од гума Август Рицман ќе излета од грло на голем топ и ќе пробие три пламени обрачи. Сјајна, незаборавена точка.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Не му требаше долго да почне а кога почна - потекоа прашања и се затркалаа околу него како топки од гума.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
„Јас сметам дека за ваков небрежен однос кон нас се виновни Првото читање, Тетратките, Боичките, Моливот и Гумата. Таа е везден со нив!“
„Градинче“
од Бистрица Миркуловска
(1962)
И додека сите селани ги возобновуваа заборавените нивки во планината крај нивното село, кои, во времето додека тие печалеле по светот, беа насобрале по малку слоч за да можат да изранат по неколку жетви, а војната ги имаше испобркано сите патишта и сите граници, - оној тогаш шверцуваше со автомобилски гуми.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
- Ех, нема ни таква гума. - Има. - Нема. Посакај друго!
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
- Сакам гума. И црвена, и жолта, и бела, и зелена.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Вкочанет и со замижани очи, личеше на голема детска играчка од гума.
„Сенката на Карамба Барамба“
од Славко Јаневски
(1967)
Се вртиме околу него и гледаме: едното крило е здробено и расфрлено наоколу: опашот е преполовен и искривен како рог; предницата личи на железно буре без капак и изрешетено како решето; од внатрешната страна, над седиштето, кое сѐ уште мирисаше на запалени кожи и гума, светкаа неколку искршени тркалца од стакло и се гледаа стрелки на некакви часовници ...
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
На педесетина метри пукотот најпрвин се збуца во гумите и тие со шишеж ја намалија големината и ја загубија стабилноста.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Брзината на автомобилот за час ни фрла пред очи куп убави и непознати нешта, а потоа уште побрзо ги брише. Како некоја волшебна гума...
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Од разговорот разбрав дека тројцата биле од едно село и дека сите работеле во една фабрика за гуми во Ахен. Се враќаа дома.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Таксистот — вр, вр — ја нагазува папучата, почнаа да чкрипат гумите, кочниците.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тој ден игравме шах; отидовме во самопослуга да ми купи сладолед; ни пресече студена лубеница по ручекот; ни скина грозје од лозницата над терасата; ми вети дека ќе ми ја залепи гумата од велосипедот; го капевме кучето Синга во пластично легенче, а тетка Јорданка (жената со која живее, а за која јас често го прашувам дали може да се рече дека му е девојка) го триеше со шампон; ми предложи да одам заедно со нив десет дена во Охрид пред да ми почне наставата во училиштето; се радуваше кога му раскажав дека во Тиват ме избрале за втор придружник на Мистер на летувалиштето; ми честиташе што сум бил победник во натпреварот по пливање...
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Во таа илјада осумстотини триесет и петта година умира композиторот на Норма, Белини, и се обвиваат со филц и гума тркалата на парниот автомобил.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Подоцна ѝ крадеше тетратки, моливи, гуми, боици, острачиња, цртанки. Јадеше шлаканици, но ништо не помагаше.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Некоја џиновска гума за бришење прецизно ги заменуваше куќите, улиците, маалата, со белина.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
„Е, со што? Сенешто имате во џебовите: џамлии, сликички, гума, молив...
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)