градинка ж.

градинка (ж.)

Нека ни е добра мисла и нека ни се живи дечињата да си а собереме седбичката, благотичката, ете бостанец, царевчичка, градинки, лозјенца, едвај ако можеме тиа работи да и потиснеме и еве ти го, Митровден дошол.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Потоа се стрча долу во градинката да ги собере пердувките од врапчето и да ѝ ги покаже на сестра си кога ќе се врати од училиште.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Зад затворените пенџериња уште беа спуштени тешките, дебели пердиња, а во малиот двор, градинката и колјата, пред нивната куќа - ништо не се меркаше...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во градинката, пред куќата, седеше сега, во широк, плетен стол, убава, стројна женска фигура.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
И децата му се радуваа на тоа градинче што го создадоа на еден балкон од една голема зграда, какви што ги има многу во нашиот град, зграда со многу прозорци, врати, балкони и скали, но во коишто живеат многу деца - што сакаат цветни градинки, пчелки и пеперуги.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Беше пладне и улицата мируваше во жештината, па Зоки брзо ја виде Лидија која се враќаше од градинката.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
- Не е грда, - вели Зоки. – Ова се слики, како во градинката на Лидија.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
- Слушнав, - вели Зоки, - но не слегувам. Сакам и овде да е градинка.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
- А, јас? - се побуни Бреза - И јас сум голема, колку пораснав откако тргнав во градинка!
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ме чувала додека мама била на работа, не се согласила да ме носат во јасли и градинка - како што ги носат другите деца.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
И во градинка учителката еднаш ни читаше една приказна за нив – тивко прошепоти и почна да плаче. – Тие ги грабаат малите деца и ги носат далеку од родителите – плачеше таа.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Еве на пример, во секоја гимназија, училиште, градинка или јасли виси по некој слоган од типот „Обиди се, обиди се пак, обиди се поинаку, воочи ја грешката и обиди се со корекција, обиди се на некое друго место, обиди се со други луѓе - но не престанувај да се обидуваш!“.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Утре ќе се запишам во најблиската детска градинка.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Дво и трокатни куќи, градени со делкан камен, бели фасади, сите куќи поврзани со електрични и телефонски жици, бензинска пумпа, кафеани, аптека, улиците под асфалт, градинка, основно училиште и гимназија, многу патнички коли, трактори, комбајни.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Полека стигнавме на оној крај од паркот каде што се наоѓаше првата детска градинка во Виена.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
- А каде се гробовите на ендопјите? - Пренесени се на друго место. Таму е изградена градинка...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Црквата ги величи зашто сама ги создала и ги хранела со иудашки сребереници од нејзината азна, а државата без срам се гордее со кодошлакот, шпионството и одродништвото и како пример на храброст за дечињата уште првиот ден на пречекорување на прагот од градинката, во нивните чисти души го истура отровот на отуѓеноста од родот и во тефтерите ги запишува со грчка пена. 3 ***
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Патничките, чиишто лица одвај се гледаа под бледата светлина на една светилка во дворот, останаа неподвижни сѐ додека жената со војнички изглед не им дозволи да се слезат со неколку едноставни наредби, како да им се обраќа на деца од градинка.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Злобниците ме советуваа како прв маж да формирам детска градинка и на својата бескрајна политика на планирање да ѝ ставам точка со реализацијата на тој план.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)