горедолу прил.

горедолу (прил.)

Но ако во историјата на културниот развиток на еден народ има два периода, меѓу коишто има еден како трети, но којшто е период на застој и е како непреодна стена меѓу нив, – тогаш во новиот период на развитокот на националното самосознание имаме преродба на народниот дух, коешто станува вистина врз стара основа, но во него влегуваат многу нови начела, во согласност со духот на времето и со специјалните потреби на народниот живот и неговите пројави. 160Таа преродба се одбележува и во книжевниот јазик и правописот: како едниот така и другиот се горе-долу слободни од некои традиции што не се согласни со современата состојба на разговорниот јазик.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Од овој површен поглед врз историските настани во Македонија се гледа оти горе-долу сите македонски котлини имаат една и иста историска судбина, горе-долу сите нивни жители имаат особен, одделен историски живот, неретко самостоен, или пак вклучува во себе заедничка борба за политичка слобода.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
МИТРЕ: Така е, Панде, така. Ти си кирајџија, одиш горе-долу и ќе чуеш по нешто ново, пак знаеш...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Горедолу, ќе ватат дватриесет парчиња — рече бабата и го праша Крстета: — Имате ли со попот толку пари?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Таман се позавати горедолу со сермиичка, па ете, го најде ампа, му умре Стоанка и сега пак остана како никој нигде, ни опран, ни закрпен, ни асолно најаден и одморен.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Дури таа вака си мечтаеше, раката ѝ врвеше по главчето горедолу, а наеднаш рачето на чупето го подигна гушалчето, ја пушти дојката и нежно, нежно го растегна малото устенце, гледајќи ја мајка си право во очи; пушти едно „гуу, гу, a? а?“ и почна да ја врти главата пак таму ваму: да ја лапне дојката.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Погледна горедолу, лево десно, нигде жива душа.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Толе зашета горедолу низ кошарчето и почна за себе да си зборува: — Така е!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Туку вие како сте, останавте ли живи, — па нарочно разгледа горедолу, барајќи со очите некого во оние што го обиколија и сериозно запраша: — Камо го Дамета, бре луѓе?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
За да се ослободат од мразот на раните, студени утра (боже, росата како знаела да каса), - долго правеа една глупава фискултура, сеедно цупкаа по земја, едно-две, лева-десна, горе-долу - на тој начин колку-толку затоплувајќи си ја душата.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Крвник по кусо време излезе и вознемирено шеташе горе-долу пред прагот.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Тие скокаат горе-долу, многу брзо исфрлајќи ги нозете.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Тој се сврте од креветот и почна одново да шета горе-долу, со едната рака во џебот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сето она марширање горе-долу, оние извикувања и мавтања со знамиња, сето тоа е, всушност, скиснат секс.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Со едно, навидум отсутно движење, тој ја поттурна пред другите, зеде и самиот една, па стана и почна бавно да чекори горе-долу, како стоејќи подобро да размислува.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Никој ништо не рече, само слушаа мртви сериозни и понекогаш мрдаа со главите, и тоа не озгора надолу, туку од лево надесно. Тоа е во Маказар потврдување, а климањето горе-долу, е одречување.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ако не се може поинаку, вели, ако е преголема ихтиза, човекот ќе бара некого од спротивниот табор со кого има горе-долу муабет, и ќе го моли тој да оди во дуќанот да му купи, но овој самиот никако не оди.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Од 1881 година започнал да се подготвува горе-долу урамнотежен буџет и се појавил стремеж за негово реализирање.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Нејзиното сновење горе-долу го побуди во мене сомневањето дека во куќава се случува нешто необично, но дали долу, во месарницата, или во станот еден кат над нашата соба, не бев сигурен.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Со овие неколку претпоставки јас си го објаснував сновењето на мајката на месарот горе-долу.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Повеќе