говедар (м.)

И дури чорбаџиите, задоволни од победата над сиромасите ги пратија момците да ги дотераат воловите од говедарот, сиромасите почнаа да си кршат прстите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Си а гледа човекот женичката како говедарот стелната крава: да му се отели за да срка кутмач".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И кога му соопшти говедарот на дедот Стале, тој си ја зеде патарицата, која беше симбол на неговиот егуменски положај, и му отиде во црквата пред иконата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Што е мунасип, ќе платам, зашто јас пак имам волови и стока, ама со луѓе сум слаб; ми требаат два-тројца орачи, толку говедари, а може и некоја жена со поголеми деца да ги бркаат кравите по ливадите и гуските по реката – се јави и Мамут-бег од Оризари.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
- Од говедар до цар - велеше скопскиот паша - ние сите се изморивме, но пак не можеме да го фатиме.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Горе над селото, на говедарникот, говедарот Илија викаше: Ајде, терајте ги говедата! Терајте ги говедата!“
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Викнува говедарот и отрчувам да ја потерам кравата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во слободното време, во неделите и празниците, кога полето е празно, освен овчарите, воларите и говедарите друг никого нема таму па тоа не мора ни да се чува, сам ги истреби и ги огради изворите во Јасики - оттогаш жителите на Потковицата ги викаа Веданови Извори - а во делниците од наутро до навечер, а во убавите лета и преку цела ноќ, го обиколуваше синорот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А што друго можеше и да се очекува, освен да се освести од сопствените блујаници на затворскиот нужник за клечење, кога мртов пијан од бруцошка матежина на доточка и првоток се качил на маса во студентската менза и држел говор - за сѐ и сешто, од прадедо му знаменосец на Мечкина Дупка до дедо му роготрубач на Зајчев Рид, од вујко му рудар во Аргентина до стрико му говедар во Патагонија, ниеден од оваа власт слезена од планините, ниеден од неговото планинско село да е член барем во Управата на спелеолошкото друштво ако не во управата на филателистите. На Републикава, да ја ебам.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Од кого ли научија тие прости, неуки, довчерашни овчари и говедари, измеќари и момоци, прислужници и подопашкари, та станаа народни судии и сурови мачители?
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Во земјанката, во ровот и во бункерот, во долгите, најчесто пелтечени дрдорења на довчерашните говедари и овчари, а сега самоуверени и самобендисани политички комесари, кои човека го прават роб, перејќи му го умот и мозокот само за да го ослободат од обидот да размислува, да не мисли и расудува; ги запозна чекриците низ кои тие, млади и недопечени, поминаа за да станат голема сепаленица.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
- Нѐ испокасапија неуки селани, говедари и овчари. Ебати академии и ...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)