вудве (прил.)
Арно ама луѓето беа бамбашка: не беа како нас асли; тие беа во нозете долги и во носовите вудве од нашите носови.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Границата го подели вудве и самото време.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Мајчина душичка
- упатство за чај –
Се пие вудве или насамо
но не претерано често
се зоврива, по правило покриен
во земјени, бронзени или керамички
садови, дома
во таа топла и задимена чајџилница
на прекипнувањето:
преку, отаде, и пред тоа, и потоа;
потпивнувај, загревај се
додека е жежок
додека си желна
шмркај, шмукај (наши сме)
напари се
задржи го колку што можеш подолго
в уста, шлапкај со јазикот
миризливоста, сладоста
и краснописот на длапката
да ги сети-ш;
дотурај пополека, измешај го со лажичката
желба за чај – жалба за младост
секоја планина – своја падина
потсркнувај
чај – Бах
чај – Жар
чајни печива
мед и путер;
чајот не се пие од-нога
пиј кроце, голтка по голтка
г’тка по г’тка
меѓу редови.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)