водица (ж.)
Надојдоа жени; од подот го кренаа тие нејното немоќно тело, и почна со студена водица некој да трие Недино високо чело.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Нели ви се допаѓа светата водица на моето чело.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
А таму веќе пиеше вода еден стар човек. – Напијте се и вие водица и соберете си ја душата. Слободно. Без страв.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
„На каков клин?“ не сфати Мирон; и пак во своето тапо настојување, не сфати: „На врбов. Потопен во света водица и опеан со псалмите Давидови.“
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
- А вие момци, можете да стрчнете до стубелот и да донесете свежа водица.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Се изнамилуваа до наситка, станаа, се измија на изворчето, поручаа и се напија студена водица и се заколнаа еден без друг да не умират.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Кога се правеше гробот, кога ќе почнеа темелите да му се копаат, да се поставуваат темелници на споменикот, се канеа сите блиски и роднини на покојникот, како куќа да се прави: се колеше јагне или овен, се редеше главата во темелникот, се правеше ручек, се викаше попот, и тука заедно со мајсторите се јадеше, се пиеше; пред тоа, попот Матлија со крстена водица ќе го осветеше гробот, ќе му пееше молитва, ќе фрлаше поглед на плочите и камењата стокмени за споменикот, ќе ги пофалеше мајсторите што ги делкале, домаќинот што стокмил пари за споменикот, а потоа, сиот измастен од месото што го дрпаше, го поземаше бинлакот со вино и долго го држеше на устата како да го подува.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ни пресековте нам од косите, му пресековте и нему, ги врзавте, и со нив ни стркнавте по главите света водица за да се сакаме, да се љубиме.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ги жалеа луѓето, ги оплакуваа и правеа маѓии да ја стиосат болеста, тропаа со тенекиња и ја бркаа, палеа ќуќур и козина да ја спотераат и избркаат од каде што дошла; ги стркаа ќералите и плевните со света водица, со жива вар, чадеа темјан и пееја молитви, го молеа господа да ја запре и сотре болеста по ајваните; им врзуваа амајлии на гушата, им сечеа од ушите, од опашката, од роговите - чинеа сѐ што знаеја или ќе чуеја само да ја откатанчат и изгонат болеста.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Проклет да бидам, измачуван од жедта, со часови без водица, со изгорена душа.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Исто ко на женски водици во Вардар кај Вруток.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
- Трудни сме. Утре некој ќе треба да ни ги крштева децата во света водица.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тој зимата, на Водици, нѐ викна мене и Уртето и ни даде по една дебела свивка календари со слика во боја на бугарското царче Симеон. Убава таа сликата на тоа царчето.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Ги носи мајка ми, налеала малку света водица врз нив, а потоа и со водата и со каменчињата и со крстот нѐ врви еднопоедно сите деца, нѐ замива и нѐ разурочува.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Божји Слап. Преслап. Дума. Казан. Стерна кај Стење. Светена Водица.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Застанати простум пред иконата му се помолиле на Господа и Богородица, па излегле во дворот со јајце вапсано и со светена водица да го поминат имотот и имањето.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
- Ајде, скокање, миење и на татка да му помогнеме со јајцето вапсано и светена водица да ја поминеме домата и имотот - со здравје и радост родна да ни е годината! - небаре песна пее си ја разбудила челатта.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)