броеница (ж.)
Други пак луѓе, сосема спротивни на првите: добро угоени, избричени или со убаво потстрижени бради, измиени, богато облечени; со широки чоени или кадифени потури, со свилени појаси, со срмени елеци и севозможни златни и сребрени накити, со пиштоли за појасите, гордо се шетаа низ пазариштето броејќи ги по стоти или илјадити пат килибаровите броеници со меките и чисти прсти.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Ги брои старецот броениците и врз нив ја држи обесена својата тешка брадосана глава.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Не го сторивме ни во Бјуик Осумката на мајка ти каде што бројаница се обвиткуваше околу ретровизорот како монистрена црна змија со сребрени канџи во форма на крст.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Низ прстите на рацете, кои станале тенки и проѕирни по божикните пости, ѕиркаше килибарната бројаница.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Нашол една калуѓерска шапка и една долга реса; зел едни црни броеници подолзи од него, та отишол в црква кај амбарот, што збираа црковната пченица и застанал спроти дупките, од кај што излегуваа многу глувци и ватил да се крсти и метании да чинит и да 'и тргат броениците зрно по зрно и да викат што да викат што да можи и не можи: - Господи, помилуј! Господи, помилуј! Господи, помилуј!
„Македонски народни приказни“
од Иван Котев
(2007)
Кога 'и видел мачорот глувците во дупките, ватило слинки да му течит и да се оближуат, како коа да беше 'и изел сите глувци, и паднал на коленици, за да прај метании и кревај рацете наугоре, чини, врти и белките од очите на небеси, ѓоа на господ му се молел; тргај броениците и викај: „Господи, помилуј!“
„Македонски народни приказни“
од Иван Котев
(2007)
Ќе седи тогаш на клупата под маслинките, се опрел со лакти на колена, ги пребира килибарните броеници, - старче со провиснати мустаќи, наклапушено со паларија што се чини секогаш понова од алиштата што ги носи; ќе си седи и го задоволува својот навик да ја гледа убавината на тукушто подраснати девојчиња, цврсто стегнати во црни гимназиски кецели со бели околувратници.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Соколе се шета и гледа. Има некаква надворешна промена во него - не ги носи веќе броениците и мустаќите малку ги поткастрил.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
И да речеш и да не речеш: папочната врвка вистински постоеше сето ова време и севезден беше оптегната како бројаница во семејниот музеј на взаемни нежности и љубови.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)