беља (ж.)
Кој знае што ќе смислат? Ќе направат некоја беља!
„Духот на слободата“
од Војдан Чернодрински
(1909)
Еј, море, еј, сираку! Да не те фати бељата, та по десет и петнаесет лири се купува една вдовица, само Доста не сака да го голи човекот, та и дваесет и пет да беше рекла ќе ја тепаше главата Илко; од душа, од гуша — ќе ги отбереше Затоа тој кога киниса од дома си зеде осум лири, две франги, петшест бели меџудии и нешто ситна пара.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Едниот девер ги става пред неа новите чевли, таа ги клоца де онаму! — „Ај беља!“ — вели тој.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
„Ај беља!“ — си мислеше тој, терајќи ја малата Сукалова маска преку Жиово и Врпско, која беше реквизирана да ги пренесе багажите на општинската управа до најблиоката станица Тројаци.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Бре, што ми требаше ваква беља...
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Види пак беља од Турчин, си рече во себе и ѝ се вратија во сеќавањето сите страшни слики од харемот на прилепскиот кадија.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Даме ја почеша долгата црна брада и им одговори: - Простете, ама не барајте си ја бељата.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Но глеј беља: штом се допре до креденецот - стана златен, штом го фати ножот - стана златен, место убавиот мек лебец - во раката држеше голема грутка злато...
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Дедо Димо, откако ги испрати сите, истури стомна вода врз жарот, зашто ѓаволот ни ора ни копа, туку може некое зло да смисли, да донесе од негде ветер, да го разнесе жарот и низ папратот и ете ти беља.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
- Еве ми уште една беља! - си рече, застанат така покрај студениот труп на овцата. Не беше начисто што треба да прави.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
- Еј, беља, промрморе дедо Иван, веќе сериозно загрижен. Ја крена пушката и уште еден грмеш ја разбранува снежната ноќ.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Да не направиме некоја беља? - Коте, - рече Методија кревајќи ги рамениците, - не верувам, ама што можам јас сигурно да ти кажам.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Јас му служа на селото кај Турците, ќе му служа и кај Организациата, ама едно да знајте: Кај Турците ве брана колку шо можа, со јадење, со пиење, со придавачки, рушвети, со маривети и лаги, само и само да не паднете во беља.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
— Не туркај ме, чорбаџи, не туркај ме, да не си а земиме бељата обата, — со тивок глас му вели Толе. Лели има разбор, ќе се разбереме.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
— Не викај толку и седни да не си а земиме бељата сите да не исколе Адем, — почна да го смирува стрико му Куле, — та ти шо не ќе стоиш да те продаваат, тоа друг есап е.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Така, велам, јас сум Македонка, а во Југославија има македонска република. Море беља, море беља, ми велат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Квечерината јас и Саше игравме „дама“, кога, ете ти ја Бреза, ја отвори вратата со нога и се втурна кон нас. - Ќе биде беља - си помислив - сега ќе ни ги растури фигурите!
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Некои беа нестрпливи и сакаа да одат да ја земат камбаната уште истата вечер, ама постарите ги искараа, рекоа оти таа работа не е за по ноќе кога луѓето може некаква беља да ги снајде и, не дај Боже, и камбаната да ја загубиме.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
- Беља ќе им прави таму, бре татко, - рече татко ми.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Едно затоа што ако направат нашите беља сега кога валијата е тука, тој може да си рече оти тоа е и против него, а второ, уште полошо ќе направат ако бегот ги побара терачите а селото да нема да ги даде.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)