башибозук м.

башибозук (м.)

Скопскиот беглер-бег беше и паша – командант на скопскиот гарнизон, та нареди, еден табур од двеста души платена редовна војска да тргне во оваа експедиција, а во Кавадарци го пречекаа и му се придружија тиквешките бегови на чело со Јашар-бег со петстотини свои луѓе и уште толку башибозук, собран по целата Тиквешија за пљачка по Мариово.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И така направија. Му дозволија прво на башибозукот, кој и без дозвола почна да се враќа по своите села со богатата пљачка од овци, кози, говеда, коњи, алишта, жито, бакар, маст, сирење и сѐ друго што претставуваше некаква вредност.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сонцето беше извишено далеку над планините кога Бахтијар-паша ја доби веста за извршениот трет напад од башибозуците и за нивните големи загуби.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тие ѕиркаа низ тесните процепи на утврдените линии и гледаа како ползат угоре вооружени башибозуци и претпазливо ги наближуваат позициите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Крушево се готвеше за решителниот бој. Востаниците продолжуваа да ги одбиваат нападите на башибозуците и на кичевскиот гарнизон.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
На исток Тиквешијата — бетер. Повеќе беља од башибозуците отколку од редовната војска.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Да се аскер, не се аскер. Сигурно некој башибозук од Џемаилбег од Агларци, — им проговори на другарите и сакаше да даде заповед на војводите да ги соберат четниците и да се истават повнатре во гората дури да фати мракот, па потоа да се влечкаат некако кон исток.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Вардар се пази од синџири — аскер, границата е преплетена со жив плет од башибозуци, та изглед за префрлање не можеше да се наѕре за скоро време.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Од балканската битка е истргнат настанов, време кога во 1912 година Србија, Бугарија и Грција, нешто пред тоа и Црна Гора, ѝ објавиле војна на Турција, а јавнатата Македонија ја бранеле од туѓо зло за свое, под команда на ефендија Али Риза: Вардарската армија на Зеки-паша, Струмичкиот корпус на Али Надир, Северноалбанската војска на Асан Риза, Јужно македонските чети на некојси Таксим, некакви други булуци на аскер и башибозук и богзнае какви сѐ уште регуларни и диви воини.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Стравочудебното село било куп човечки седалки од кал и со сламени или 'ржени покриви, некои од тие куќи дури и без прозорци и бездруго однатре со залостени врати зад кои ноќе над заспаната челад бдеел домаќинот со секира, со вила или со прешилест чекан за кршење камен ослушнувајќи ги шумовите и стрелушејќи се од душите на мртовците и од арамиите или од организираните одметници на распашаните глутници на башибозукот и на аскерот што станал безредие во безредието на пеколот ширум по вилаетот и исто толку по осоговските масиви на кои некогашниот деспот Оливер мислел дека ќе е исто толку вечен колку што е и господ во заблудените срца на луѓето.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во листата, меѓу другите, се најдоа и зборовите: арам, муфлуз, резил, тамаќар, башибозук, шашма, далавера, алашвериш, ќелепур-софра, џева, беља, гениш, курназ, маскара, едепсаз, марифет, сафра, рушфет, џамбаз, суртук, мамлаз, чалам, табиет, чаре, јаваш, ајде, таксират, тарапана, ујдурма, усул, чешит, џабе, џган, џумбус, батакчија, бадијала, зулум, налет, угурсуз, шерет, гајле, гајрет, грбал, душман, далавера, дереџе,зандана, зијан, ифрит, калауз, курбан, курназ, маскара, мамлаз, намќор....
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Б бадијала - без пари, бесплатно, залудно батакчија - измамник, неранимајко башибозук - нерегуларна војска, паравојска беља - несреќа, невола, мака, тегоба, искушение берат - повелба, декрет, заповед, издадена од султанот, со која се давале разни права, привилегии
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Интервенцијата на големите сили, во случајов, имала значително влијание врз војската и полицијата и врз солунскиот башибозук.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Сепак ова пренесување на оружје било повод за судирот во Цапари, а тој судир, пак, имал извесно поттикнувачко влијание врз битолскиот башибозук за извршувањето на колежите.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Башибозукот не дошол до израз, а властите се задоволиле со апсења на сѐ што било побудно меѓу егзархиската средина.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Зулумите на силеџиите и башибозуците како да станаа поретки, а за новиот кадија Махмуд-бег и да не зборуваме, зашто тој му се покажа многу приврзан на баш-азата, та ја судеше поблаго рајата, и справедливо.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
- Ќе го ослободат бе слушај ме шо ти викам. Оваа земја ти е башибозук.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Татко се сложи и Камилски на новата средба закажана кај него требаше да реферира за турцизмот башибозук - курбан, се разбира, зборот поимот јаничарство дежураше во нивните мисли за конечно да се сложат за неговата дефиниција...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Убаво зборуваш, брате Камилски, да му е милина на човека да те слуша, ама ние многу се оддалечивме од нашата цел, од нашиот балкански башибозук!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Во неговиот дефтер веќе беа запишани зборовите: арач, марифет, арам, инает, фукара, пишман, инает, рушвет, ујдурма, ќелепур софра, калауз, јаничар, башибозук, калауз, курбан, гурбет, душман...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)