аџија м.

аџија (м.)

– „Аман, оче дуовниче, те молам, земи ме и мене со тебе на аџилак, за да се сторам и јас еден аџија, да и да умрам да не жалам“.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
На ден Панделејмон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџиицата, со децата нивни, и си отидоа во штрков вилает здрави и живи како што сакаше Господин Бог.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
– „Немој, мори мајко, не плачи за Силјана, ѝ велел Велко, оти за Велигден ќе си дојде аџија.“
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Стори го волкот аџија, тој пак наместо вангелија, ќе рече јагнелија...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
– Е, сега нека мрдаат како риби на песок – му се испушти на Аџијата од гради една длабока воздишка.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Останаа поп Јаков со дружината во затворот од тврдината да чека со што казна ќе ги накажат аџиите и забитот, ако навистина не ги пратат кај султанот да им суди лично тој, како што им ветуваше аџи Јане кога ги наговоруваше да се предадат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
– Да гледаш живи луѓе да се печат, зар може да биде неинтересно? – му одговори аџи Рампо, сега Рифат-бег и тој вадејќи ги своите бројници што ги донесе од Ерусалим кога отиде да стане аџија.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Набожник и аџија, им помагаше на луѓето колку што можеше, Рисјанската раја го исплака.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Потоа, минувајќи како сиромашни муслимански аџии, им објаснувале со турски зборови на Турците дека се со кулаклии а најстариот со наџак за да се одбранат од арамии и, штотуку дошле во својата куќа, се наметнале пак со кожуви.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Духот на таа вера просто блика од делото на Ренџов, ги буди спомените за детството, ги оживува приказните за нечестивите кои само ќе ја зголемат силата на Божјото име, ги подотвора пердињата на одаите во кои течеше еден живот налик на вечност, влегува во црквите и манастирските ќелии, и талка по далечините изгазени од нозете на аџиите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Туку, друго сакав да расправам. Божиќ е најубавиот првичен спомен на секој аџија во Америка.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Најмногу има арапски зборови кои означуваат разни звања, професии и титули, како на пример: валија, везир, кадија, кајмакам, калфа, муфтиш, султан и други, или термини во врска со војската и воената опрема како: анџар, арач, аскер, забит, низам, талим или пак во врска со исламот: алах, аџија, вакаф, ездан, еџел, имам, еџел, ислам, куран, курбан, минаре, муфтија, муезин, оџа, рамазан, теќе, тулбе, џамија, џемаат шеријат.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)