амал (м.)
Во тоа време, кога Србите од кралот и министрите до последниот српски амал се националисти и наоѓаат за нужно сите да се сплотат во едно за да ги достигнат со општи сили народните идеали, Бугарите се цепат на социјалисти и секакви други – исти, кои најмалку сакаат да ја оправдаат пословицата дека соединувањето ја прави силата. – Туку сето тоа е резултат на политичката зрелост на народот: Србите во текот на цел век ги изработуваат националните идеали и ги изучуваат националните интереси, а пак Бугарите го прават тоа само во 1/4 век.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
НАЦА: Пополека стапнувај, немој како амал со двесте оки товар на грб.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Кога ќе се опиеше, се бацуваше со амалите, липаше и се издушуваше некако шушкаво. Тоа ги развеселуваше луѓето.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Амалите и чистачите на чевли се пикнале под стреите и се греат на запален весник.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Го носел сам за некој од амалите да не направи „забелешка“ за тежината.
„Солунските атентати 1903“
од Крсте Битоски
(2003)
А како не ќе го знаеја кога тој беше единствениот амал во градот од наша вера.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Сане Сандин е амалин, еден од оние што секој, барем од мојата генерација, ги памети под друго име, од друг град, но со слично чувство.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Сите со смеа го спомнуваа прочуениот гарнетист Енвер-чауш, кој во пазарните денови толку се занесуваше и на мегданот пред Капан-ан ги свиреше своите мајстории пред пазарџиите и амалите.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Разни бадијалџии, редум со амали и ѓупци, и со секаков друг џган, се кикотеа одвај во неговиот врат, зашто не достасуваа да бидат високи како него.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тој викаше, тој мавташе со рацете како последен амал додека сите се завртија да го гледаат, а чаушот само мирно стоеше пред него и дури не посегна ни по пушката, за да го смири овој будалетинка.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
И недадејно, додека лежи и ги гледа сенките на луѓето од својата солунска паства, кои со денови и ноќи во кои тој око не склопува, еден по еден, поминуваат покрај неговата постела, и можеби зашто е тифусар, само фрлаат поглед и го одминуваат, не одговарајќи на поздравите што тој непрекинато им ги упатува кимнувајќи им, најнапред со глава, потем само со уморните очи, на сите, без оглед на возраста и на статусот: на членовите на советот, почитуваните рабини, солунските амали, манави, ситни дуќанџии, продавачи на риба, мислители, лекари, интелектуалци, новинари, хакхами и шамаши, кошер-касапи и хазани, продавачи на благословено вино, читачи на респонси, и сите, илјадници и илјадници, поставувачи на едно исто, немо прашање... Главниот рабин не сака повеќе да ги гледа.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Сакате амал, носач или сопатник кој ќе Ве допрати до Вашиот дом?
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)