беснило ср.

беснило (ср.)

Пијанството, што го носеше крвта, сетена на острината од гладните секачи, завладуваше пред неговите очи над сите тие парталави, тела, а ударите на забите по секој празен заграб ги тераа да завиваат од таа ужасна грозница; беше една глад, кој ништо не беше во состојба да ја утоли; таа растеше со секој дофатен залак, таа побеснуваше во својот лудечки занес, разгорувајќи се, тука, пред неговиот прозорец, а нејзините писоци од болка и од настрвеност говореа и за можноста од тој испреплеткан јазел на крвавото беснило мнозина од нив да излезат и без своите сопствени колкови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И тој ги корнеше и ги префрлаше тие камчишта на сината месечина, ги заџидаруваше сиот извиен под нивната тежина, ги беспокоеше мртвите во она свое крваво беснило, од онаа страна на разумното, за кое што сепак ниеден од нив не промолви ни зборче.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Огнот се свртуваше против него, тоа го доведуваше до беснило.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Веќе долго време го лекуваат од беснило.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Беснилото сѐ повеќе напнуваше во мене.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Од долги проучувања и набљудувања, веќе имаше и свои заклучоци: ако ѕвездите од северната страна започнуваат како престоени цветови да венат губејќи ја бојата и сјајот, претскажува дека ќе фатат големи болести по луѓето: улери, дамли, трески, тифуси, офтики, чуми, бисерки, приштови, заушки; по ајваните: шапови, бутури, метили, лигавки, сараџи, красти, струпци; по кокошките: слепило, вртиум; по кучињата: беснило; по полето: каклици, жудилки, глутници, спарини, мемли, скувалки, пепелаш; по дрвјата: пајажини, гнилачки, имела, трат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Има разни беснила, ми вели, а може вистина не можеле да се разминат, ми вели.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
бати пасошите нели Македонија е слободна, а народот со лева рака се крсти и се чуди што ни стана, да не се јавило некое непознато беснило што нѐ скокотка и нѐ тера на смеење, ама од Македонија еден излегол, а цел свет дошол на тепање, што не се тепаат кај нив, ама на туѓо гумно и на туѓ газ не боли толку многу, и така радоста ни беше пуста, се враќаме преку туѓа земја, првин во Варна: војска, војска нѐ опколува и еден по еден нѐ пушта низ страга, ко овци на молзење, 117
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Појавени се бакцили на офтика и беснило. Од офтика умреа двајца, од беснило еден.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Стравот од беснилото и офтиката помина, и сега луѓето уште од станувањето наутро, очите ги вртеа кон дувалото.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
На моменти, во прездивите на соземање, по краиштата на усните му избива бела пена - човек да помисли почеток на беснило.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Во светите текстови лудилото е казна ако не се биде послушен на Господа: „Господ ќе те удри со беснило, со слепило и со лудило“ – таква е казната според „Стариот Завет“.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Следната сцена што ми ја прераскажа пријателката која го фотографираше приемот, беше како двајца од службата за животно здравје, го одвеле Давид во лудачка кошула, под изговор дека „на кутриот, од неодамна душевно болен, почнале да му попуштаат конците на трпението”, а евидентен доказ за тоа била „запенетата уста која е единствен и непобитен доказ за беснило”.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Могила ќе издигнам над покојот од беснилото. Ќе ги откорнам корените закоренети од јатката на омраза.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Само за миг да одморам... од силните чувства на нагон, што во мене ги убива беснилото...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)