И дали тоа значи дека во оној момент кога страдањата ќе ги снема ќе зацари некое заедничко расположение огреано од истата светлина на радоста?
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Според старото правило дека клинот со клин се избива, кога ќе го почувствува неподносливото стегање во внатрешноста на черепот, Константин З. ја врзува главата со свилена ешарпа што потоа силно ја затегнува, и онака врзан околу, во последно време проќелавената глава, врвејќи покрај огледалото со конзола во кое го следи својот комичен одраз со ешарпата чии краеви му паѓаат на рамениците, мрцлаво влечејќи ги пантофлите по паркетот од неговата служебна квартира, оди до високите прозорци, ги навлекува тешките драперии и кога во просторот ќе зацари смирувачката темница, легнува во празниот брачен кревет од својата спална соба и конечно почнува да се опушта. З. не е самец, иако тука, во Скопје, живее самечки живот.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)