Звуците од стиховите, повеќе од сигурно, удриле во тие длабочини и со ехо, или ко што народот велит, со одѕун се вратиле назад, не остри и прободни туку обрабени и обли и ко такви стигнале до ушите, а сетне до душите и на нивните и на нашите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Ме восхитува твојот говор без аскеза
без пауза клесан ко глинен глаголски натпис
обоен и обол, со густ внатрешен
ритам на мит и лира
на плот и жедба
твоето лице ко отсутност изгребано
ко ѕидини на древни светилишта
од рески и црти
шифри и датуми
ко забранета и жигосана книга
по којашто се топела душата
и го прелевала својот акварел
не повторувајќи ниту еден
потег.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)