Куќата е една од најстарите во селото; направена од петаври: од штички и плитар, од лескови прачки исплетени од дирек до дирек како што се плете кош и облепени со кал измешана со плева, слама и козина за поцврста да биде; на многу места калта и испадната од ѕидот и зјапаат дупки низ кои ветерот се провира и свири; во тие дупки птиците се пикаат и прават седела клувкајќи го и користејќи го истиот материјал со кој е облепена куќата; чардакот од куќата виси над патот како дрвено корито спуштено од небото; куќата е затетеравена на едната страна како пијан човек и, изгледа секој миг ќе падне.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
I Куќите од селото се раштркани која каде: едни крај езерото, други крај реката што слегува од планината и тече низ селото; реката е суводолица: лете коритото е празно, исушено, како оглодана риба; во пролет и есен водата надојдува, плави, луничи, бучи преполнувајќи го коритото и влечкајќи со себе сѐ што ќе најде по патот, се разлева, ги подлокува трапчињата, сокаците, ги урива мостињата и плитарите од плевни и кошари и ги влечка со себе растурајќи ги во езерото каде што се влива; луѓето трчаат по реката и си ги собираат во езерото однесените работи: греди, штици, каци, ношви, буриња, кошови, сандаци, и по некоја живинка што не се удавила; вртат со чамци, ги собираат или ги туркаат кон брегот.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)