и (сврз.) - гора (имн.)

Крадец на крадец ништо не му краде и откога Прометеј се истопори во центарот на Скопје (првин угул гол потем со наметка на алтипатлакот) и свика на бадијалџиската толпа: аманте бре, луѓе, за тоа ли толку се резилев и го маткав оној зевс додека му го дрпнав огнот на хефест за тоа ли се мачев да ве научам како се пали огнот - за вие да ги распалите сите шуми и гори македонски сите до една опеани во заборавените народни песни - колку огнови сте украле, толку пожари да распалите.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Селаните по сражението избегаа со семејствата и нешто пљачкуринки што можеа да понесат, во пештерите и гората и однаспоред гледаа кога Турците прво ги опљачкаа нивните домови, а потоа се дигна густ дим за да премине во пламен.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Слегов во полето по умори и гори по талкање низ облаци по занеси и призраци пусти стапките топли ги барам на тие далечни зори штом идеа зарудени од шамаците густи.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Цела година го носи гунчето наопаку, береше китки по нивјето и гората и му ги даваше на комшичето Стојана кое им беше врсниче.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Птиците, по дневните жештини, ги напуштаат седелките и сенките, првнуваат од житјата, од тревите, од короните на дрвјата, и гласејќи се една на друга, почнуваат да го надлетуваат просторот над Потковицата, вршките на дрвјата, покривите на куќите; жабите се огласуваат од ендеците, вировите и блатата, некоја осамена ѕвезда заискрува на небото, и гората зашумува и ветар повејува.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сето тоа во душата на човека налева радосни чувства, но тишината, ох, таа, дебела и напластена, без луѓе, без овчарски свирки и довикувања во гората, без момински одзив преку песни и смеа од градините, од бунарите и чешмите, без думани прав од гојда кои се враќаат од паша по Голем Пат, разбудува помисла за тоа колку многу човек е поводлив, кревок и неотпорен спрема сè она, убаво, што се случува надвор од него, во природата, додека останува беспомошен да влијае на својот сопствен живот - не успева, или не му е дадено, или не му даваат, само да го одреди неговиот ток, па се џари во празно со насолзени очи низ самракот, и му се причинува дека тука некаде, над него и околу него, во воздухот, притаено чукаат срцата на отидените ближни, на самовилите, на легендите и преданијата, на војните и војводите, срцето на животот што беше, што се закоренил некогаш одамна тука и се ископачи, па му иде да отрча на Молитвена Вода, да се плесне пред кладенецот и да нададе глас, не против непревдите што му се сторени лично нему, туку против неправдите што му се сторени и што му се прават воопшто на животот... ...
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)