Но не сакал да го открие значењето на записот, оти ќе ја изгубел одајата на гревот и блудот, во која ја водел, секоја ноќ, малоумницата на логотетот, за наслада своја и на нечестивиот, што од ѕидот ги гледал, како трет во ѕверството страсно нивно!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Градот е пекол, градот е студ градот е преплавен со разврат и блуд и секој чесен го сметаат за луд во градот е потребен страшниот суд Редици на шалтери, редици во банки редици во болници, редици во Бутел ефтина шминка на ефтини луѓе ефтин дух во градот прескап
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
И го видов во моето видение и него: мал, расклештен, со опашка грозна, влакнест како пајак, во центарот на малата апсида: отстранет, прогонет од небото, од таванот на одајата мрачна, но сепак тука, блиску, како да чека да се врати, како да е привремено тргнат на страна; прогонет од големото, тој чекаше како пајак влакнест во своето мало небо, оти небото на две беше поделено, на големо и мало; си чекаше таму, сам во својата вселена, со тие негови вжарени очи на гревот, страста и блудот; и во тие вжарени очи јас ја видов, во откровението мое, сета историја на светот, вековите со страдања, казни, измачувања, распнувања, убиства и кражби, блудничења и невери, потоци крв и солзи видов поради страсти јавно искажани, поради создавање вселени мали, поради ловот на малите и неспособните во мрежите на големите, силните и отровните; и видов дека и Филозофот гледа, и дека мисли исто што и јас, и дека се обидува да се сети како гласеше последната реченица со која завршуваа претсмртните ливчиња на отец Мида, па се разбравме со поглед и јас реков:
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)