Поетскиот хуманизам (а тоа е чинам вистинскиот збор за она што ја покренува и усвитува прозата на Чинго) во името на кого авторот толку дискретно и толку ненаметливо прозборува за човечките судбини на својата избраздена пасквелска земја е само еден од видовите на растреперениот и честопати трауматизиран сензибилитет на модерниот човек пред сето она што таа иста современост во својот незапирен победнички настап го донесува како перспектива и ослободување но и како страв од нови опасности и беспаќа.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
А во средината, спуштена вертикално како заплиснат студен челичен болскот стоеше подмачканата плоча на пилата, целата исукана, како сабја од ножница, додека нејзините правилно распоредени запци, секој со по иглен врв на острицата, светкаа со по една ненаситна срчена светлинка, собирајќи ја во себе и усвитувајќи ја скржавата виделина на денот во своите илјадници одблесоци, за кои се чинеше дека ќе те испечат уште со самото тоа што ќе се обидеш да ги допреш.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)