и (сврз.) - сонува (гл.)

Ова овде е најтивкиот дел од градот.. собата во која се сака и сонува мечтае и посакува...
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Што е потивко: да се чека и сонува нешто што го нема и не се знае дали ќе дојде и дали ќе се обвистини и по крајот на сонот или да се исчезне еднаш засекогаш?
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
И спијат децата и сонуваат: стобојни знамиња се веат и стобројни луѓе во олимписки труби дуваат.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
- Зајачето си отиде дома. Сега сигурно си лежи во своето топло легало и сонува пролетни соништа.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Кога беа деца не беа јадни: јаваа дудови гранки и сонуваа вистински белец.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Заспиваше во зафрленото катче на паркот и сонуваше за сѐ она на што мислеше пред да заспие само со едно око, загледан со другото во разбранетото минато.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Превод: До мене со големи трепки црни спие и сонува, заруменета во образите - најмалата.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
„Ха“, се исмеа Тодора, „ами, тебе ти е одамна развиделено, ама ти уште дремеш и сонуваш, мажу!“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
И пак: Во Жешов раскошно расцутеа дрвјата, а ветрецот расејува снег од латици низ просторот, поигрувајќи си со нив, а потоа оставајќи ги да паѓаат по крововите, по жирадоата, елегантните женски шапки на минувачите, по јармулките и црните рабински капи со широка периферија, на рамениците од старците што на пријатната пролетна сончевина забораваат на својата возраст и живо дискутираат на својата пролетна променада, во очите на госпоѓиците, и во нејзината душа која е смирена и иполнета кога е во тој питом предел за кој не може да престане да го мечтае и сонува... 
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Го прашува Гита Корец со нем поглед во деновите без транспорт?
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Чекав да видам друго, сонував зрелост на 'рж во плетенки, два златни блиска преку ленена кошула, и сонував очи што беа пред тоа над мене додека лежев под дебелата, покривка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И се случило Панделиј Каламарис трипати да се споулави: еднаш кога останал сам и ранет во рамо меѓу своите мртви борци (и болен водел чета темни пушкари) со кои раснел и сонувал битки; потоа кога војводата Зигас, за да не се предаде жив, фрлил запален факел во бурињата со барут и, чиниш се здружиле стотици молњи и громови, летнал на парчиња кон сонцето покриено со чад; најпосле, кога десетина жени со дребни дечиња в раце се фрлиле за одбрана на честа во водопадите на Црна Река, меѓу нив и жената на Панделиј со близначињата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Луѓето се бореле и со нокти и со заби, за една глава барале две: на малите народи една глава им е поскапа од три непријателски; ќе убиеш тројца, четвртиот тебе ќе те доака; ти гниеш во гроб, тој делка дечиња - тројца браќа му загинале, четири дечиња ќе изделка; ти ни род ни пород, тој сѐ може.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Можеби им рече на Самарија и на Арнаутче и тие да чучнат, да си поразговараат малку со составени глави, и можеби првиот веднаш почна да раскажува во што згрешил господ кога го создавал и кога го средувал светов (ќе се обесам ако на светов нема премногу иловица и камен!), но јас не се потпрев со дланки на прозорското дно за да зјапам во безделничењето на луѓето и да ги гледам како три згрбавени врани со сити црева.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ако тој зборува а никое од дечињава не му го слуша гласот, тогаш сигурно длабоко спијам и сонувам па можам и јас некој лаф да му плеснам и сигурно никој нема да ме слушне и ја отчепува и таа својата уста.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
- Стегни ги забите Леме и сонувај, рече сѐ така смеејќи се, не можејќи да не се смее и, како секогаш, почна муцката да си ја трие со рацете, да се премислува, да се одделува со мислите, да патува...
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Легни си крај огништето и сонувај ангелчиња. Ѓумето не е за тебе...
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Одевме еден кон друг и се гледавме.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Напладне, или малку подоцна, го најдов крокодилот. Лежеше крај една река и сонуваше нешто.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
И низ песни прескокнуваа цели епохи Од Самол па до наши дни Што има Македонците да се плеткаат Во подемот и пропаѓањата на сите империи Одвреме навреме во песната на Македонците Ќе им влеташе по некое клето Турче И тогаш ќе се сепнеа и ќе си речеа колку ќе се изрезилеја Ако го скокнеа времето на Отоманската империја Баш во тоа време се збрани сите македонски страдања Сите порази и загушени востанија Баш во тоа време на Македонците им се нанесоа најголемите неправдини И некако природно се прими што Отоманското царство Го урниса човек роден и учен во Македонија Природно беше што во тоа време Некои Македонци влегоа во Стамбол на бели коњи Иако беше сосема неприродно и уште понеправедно Што по по урнисувањето на Царската порта Македонија ја распарчија балканските орли И оттогаш наваму така распарчена се тетерави И во соништата за сите царштини Ја римски ја византиски ја турски биле Тадури и австро-унгарски И на Австро-унгарците Македонците им најдоа маана Да стасаше нивната царштина до Македонија И тука одамна ќе имаше филхармонии и универзитети А не само амами тек и чифте амами и секакви анови Одвреме навреме Македонците ќе запееја Под московски вечери Рабјинушка Калинка и такви песни Знаеја многу такви песни како да не знаеја И од порано беа начуле по некоја Ама особено научија да пеат по руски Откако се најдоа во црвеното царство Неоти знаеја како се најдоа во црвеното царство А отпосле дознаа дека баш во времето На црвениот император Јосиф Висарионович Сталин Се стави печат на старите делби на Македонија За сега Македонците севезден да се прашуваат Има ли во историјата печати што бледнеат Има ли печати на кои им истекува рокот на траење Ако има такви печати тогаш сетики ќе дојде денот Кога на најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Македонците ќе ја качат најубавата им мома Угул гола ќе ја седнат врз знамето со шеснаесеткракото сонце Префрлено наместо седло преку грбот На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Во наизменичен патриотски кас и галоп Да го обиколи сиот свет И да ја разнесе насекаде славата и гордоста на Македонците Секако ќе има и такви кои ќе се противат на ова И ќе велат дека тоа ја навредува честа на Македонците И особено честа на Македонките А Македонките се рамноправни со Македонците Ако не од времето на Роза Луксембург Тогаш барем од времето на Валентина Терешкова Македонките уште пред да се родат знаат дека се рамноправни Македонците нека си мислат дека се порамноправни Впрочем какви и да се Македонците никогаш не се сложиле за ништо Па нема да се сложат ни за голата мома гордо јавната На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Оти сите Македонци знаат дека жена гола ако видат Голема кавга ќе се роди во тие што ќе ја видат и сонуваат А во кавгаџиско настроение се заборават без исклучок Сите соништа од циклусот за пропаднатите империи.
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Мартин, дете коешто оној ден беше со децата на Бистар Кладенец, беше заспан и сонуваше како е голем па нарамил пушка и ќе оди да го фаќа Луман арамијата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И уште не ставена главата на перница, заспивам, се предавам. И сонувам некои бразди, некои води што ги навраќам и одвраќам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)